Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – Грабнување на малолетно лице.
Ова вечерва го соопшти ОЈО, а во соопштението понатаму додаваат:
-За четворица осомничени, кои веќе се наоѓаа во 48-часовен притвор, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка вечерва достави предлог за определување мерка притвор. Постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените,, се вели во соопштението од ОЈО.
Од ОЈО информираат и дека:
– На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен, велат од ОЈО.