Во интервју за емисијата 360 степени, холандскиот амбасадор во Северна Македонија, Дирк Јан Коп истакна дека ова е исклучително важен момент и дека е дојдено конечното време за земјата да стане господар на својата судбина.
- „Наредната година имаме избори за Европскиот парламент, ќе има избори во САД и, како што реков, во Холандија поддршката за проширувањето се намалува и вие не може и понатаму таа поддршка да ја земате здраво за готово, треба да влезете во ЕУ сега, што е можно побрзо или, како што стравувам, таа можност може да исчезне, во некој момент вратата ќе се затвори“ рече Коп.
Според него со Бугарија е постигнат најдобриот можен договор и тоа треба да се искористи максимално.
- „Северна Македонија го има најдобриот договор што може да го добие. Ако се сеќавате, Ковачевски стана премиер во приближно исто време кога и Петков стана премиер во Бугарија. Имаше многу прашања, имаше пет комисии кои требаше да преговараат под водство на француското претседателство и сето тоа беше сведено на едно прашање – малцинството во Уставот“ рече холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во интервју за „360 степени“.
Тој додаде дека со овој договор помеѓу Бугарија и Северна Македонија останатите барања исчезнаа, што според него е добро.
- „Мислам дека под овие околности ова е најдобар договор што Бугарија и Северна Македонија можеа да го добијат. Стартот на втората фаза од Меѓувладината конференција, кој зависи од уставните измени, нема ништо со самиот билатерален договор“ рече Коп.
Смета дека преговарачката рамка е договорена и нема простор било што да се промени иако лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најавува нови сценарија. Според амбасадорот Коп тие не се можни.
- „Рамката е испреговарана, не може да се промени и ако г. Мицкоски вели дека по изборите ќе издејствува подобар договор не мислам дека тоа воопшто е реалистично, дури и возможно. Северна Македонија го има најдобриот договор што може да го добие“ нагласи холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп за „360 степени“.
Тој уште еднаш повтори дека не гледа како ваквите услови би се промениле и нагласи дека е исклучително важен момент и конечно време Северна Македонија да ја оформи својата иднина.