Амбасадорот на Холандија во Република Северна Македонија, Дирк Јан Коп во гостување на националниот сервис јасно го изнесе својот став за евроинтеграцискиот процес и преговарачката рамка на земјава, велејќи дека подобро од ова не можеше.
Осврнувајќи се на македонско-бугарските односи и почетокот на преговорите, Коп истакна дека после доаѓањето на Ковачевски и Петков за премиери во Северна Македонија и Бугарија започнаа преговори низ кои бугарските барања исчезнаа и се сведоа само на едно – внесување на бугарското малцинство во Уставот.
Холандскиот амбасадор во земјава смета дека Македонија го добила најдобриот можен договор со Бугарија и дека не е можна промена на преговарачката рамка.
Зборувајќи за процесот на спроведување реформи во земјава, Коп посочи на низа слабости за дел од реформите во државата, особено во делот на судството и борбата против корупцијата. Тој наведе дека на некои интересни групи не им одговараат реформите, но тие секако се за доброто на народот.
Холандскиот амбасадор во земјава, во интервјуто објавено во емисијата 360 степени, изнесе и низа критики за работата на судството и наведе дека Холандија инвестирала милиони во реформите, но дека резултатот не е задоволителен. Потенцираше дека состојбите во судството мора да се променат.