Според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров сите проблеми со кои се соочува Балканот потекнуваат од Западот, уште од времето на распаѓањето на поранешна Југославија.
Лавров денеска на прес-конференција на маргините на 30. Министерскиот состанок во Скопје, која се одржува паралелно со третата сесија на состанокот, на прашање на МИА во врска со тоа како Русија гледа врз идентитетската агресија врз Северна Македонија од бугарските испостави и дали тие имаат руска позадина одговори дека не е голем експерт во македонско-бугарските односи и посочи дека според него, проблемите за регионот влечат корени од Западот, односно по распадот на Југославија.
-Не сум голем експерт за македонско-бугарските односи, можам само да кажам дека луѓето во Македонија имаат целосно право да бидат еднакви во сите активности на нашиот заеднички континент. И не само за односите меѓу Бугарија и Македонија, туку за сите балкански земји, би рекол дека коренот на сите балкански проблеми лежи во однесувањето на западните сили, особено за државите од поранешните југословенски држави. Се сеќавам дека со години Македонија беше нарекувана Поранешна југословенска Република Македонија и ова беше понижувачко име, а знаеме и што се случи со името Северна Македонија. Се сеќавам и дека претседал на македонското Собрание имаше фотографии со албанско знаме, направени во канцеларијата во Парламентот, рече Лавров.
Според него Западот отсекогаш имал интерес да ги подбуцнува народите едни против други.
-Уверен сум дека народите на Балканскиот Полусторов минаа тешки историски премрежја, имаат заедники код и не смеат да бидат поразени и да му дозволат на Западот да станат непријатели едни со други, рече Лавров.
Тој рече дека ги охрабрува етничките групи на Балканот да живеат мирно и да ги сузбијат сите националистички амбиции. Ги повика и да не се приклучуваат кон санкциите кон Русија, само, како што рече, за да исполнат одредени западни амбиции.
МИА