Премиерот Димитар Ковачевски, пред отворањето на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје изјави дека во понеделник наутро е закажана лидерска средба. На ова ВМРО ДПМНЕ реагираше дека за оваа лидерска средба дознале од медиумите и дека не добиле покана, а часот на средбата предизвика нова препирка меѓу двете партии.
На денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева одговори на новинарско прашање во однос на тоа дали е добиена официјална покана за лидерска средба во понеделник и дали лидерот Мицкоски ќе присуствува и дали ќе инсистира на укинување на техничката влада истакна дека лидерска средба е прифатлива за во понеделник, на која ВМРО-ДПМНЕ очекува да се разговара конечно за прецизирање на датум за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада.
„Од медиумите дознавме дека премиерот Ковачевски закажува лидерска средба за понеделник која што е поврзана со изборите. Таквата комуникација преку медиуми за вака важни прашања е негов избор. Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, на која ние очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ. Воедно бидејќи се одлучи за комуникација преку медиуми, замолуваме средбата да биде после 11 часот во понеделник бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има часови со студентите на Машинскиот факултет каде работи како редовен професор“, нагласи Митева.
Веднаш потоа со соопштение се јавија и од СДСМ.
-Жалиме што ќе мора да му ја пореметиме агендата на Христијан Мицкоски, кој очигледно, како што потврдува неговата ДПМНЕ работи само два часа во текот на денот, од 09-11 часот. Средбата во понедленик, 4-ти декември 2023 година ќе биде во 12.00 часот, се вели во соопштението на СДСМ.