Српскиот пејач Марко Николиќ сношти на домашната публика и го претстави својот студиски материјал насловен „Доѓи да те волим“. Во одлична атмосфера заедно со својот бенд Марко првично ги отсвире песните од новиот албум, а потоа, како што рече, отсвире и нешто за душа.
Се пееше се, па и една од Тоше Проески, неговиот омилен пејач, а Николиќ ја запеа и „Македонско девојче“. Присутните на промоцијата, пак, буквално од првиот до последниот такт му возвраќаа со едногласно пеење и овации, а атмосферата навистина необична за една музичка промоција – позитивна, топла, разиграна – едноставно неверојатна.
Меѓу нив и познати лица – тука беше Дарио со семејството кому српскиот пејач му го честиташе 40-годишниот музички јубилеј, младата пејачка надеж Ивона Јо, како и Ана Бучевиќ, сопругата на Марко, инаку мотивациски говорник чие присуство беше особено интересно за присутните на промо-свирката, па не се знаеше со кого попрво сакаат да се фотографираат со ѕвездата на вечерта или со неа.