Ако највисокото воено разузнавање на Израел го послушаше предупредувањето, немаше да се случи масакрот на 1.200 цивили на југот на земјата на 7 октомври, открива „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на два извори блиски до истрагата, пренесува република.рс.
Граничната стража со Газа испратила детален извештај неколку недели пред бруталниот напад на Хамас од земја, вода и воздух. Станува збор за единица составена претежно од жени војници, чија примарна задача е да ги следи и анализира снимките и другите податоци добиени од областа околу електронската ограда, која ја опкружува палестинската територија.
„Се беше направено според прописите. Извештајот дојде преку безбеден комуникациски канал, со предупредување дека Хамас ги обучува луѓето да ја пробијат оградата, да се инфилтрираат и да заземат кибуци на југот на земјата. Тоа би значело дека нападот на Хамас е еден од најголемите разузнавачки неуспеси на Мосад од ненадејниот напад на Египет и Сирија во 1973 година, попознат како војната Јом Кипур“, пишува „Фајненшл тајмс“.
Припадниците на граничната единица, исто така, предупредија дека анализата на неколку видеа покажала дека Хамас ги обучува своите луѓе да киднапираат цивили и дека нападот е неизбежен. Весникот наведува дека извештаите предупредуваат дека висок воен командант на Хамас бил виден како ја надгледува обуката и дека бил идентификуван благодарение на базата на податоци на поединци кои ги чуваат израелските разузнавачки служби.
– Ова е незамисливо сценарио – одговорил висок разузнавач на израелската армија, со што широко се отвори вратата за напад, пишува „Фајненшл тајмс“.