Портпаролката на ВМРО ДПМНЕ, Марија Митева во своето гостување на „Само вистина“ на Канал 5, јасно и гласно стави до знаење какви се размислувањата и гледиштата на партијата околу Евроинтеграциите на земјава. Вели доколку Унијата не се прилагоди на вредностите на партијата, нема зошто да бараме да бидеме дел од неа.
- „Ако ние заедно со ЕУ не ги делиме истите вредности, тогаш нормално нема да сакаме да сме дел од некоја Унија со која немаме исти принципи во случај на неприфаќање на тоа што ВМРО-ДПМНЕ го има и негува како вредност“ рече Митева во „Само вистина“ на Канал 5.
Нејзините изјави доаѓаат како обид да ги толкува изјавите кои лидерот на партијата Христијан Мицкоски ги произнесе околу истото прашање неодамна, велејќи дека е подготвен да разговара за вредностите и дека одредени вредности ќе исчезнат по следните избори.
На овој начин и преку се почестите антиевропски изјави ВМРО ДПМНЕ се поотворено застанува против членството на државата во Европската Унија и се појасно станува зошто го блокираат евроинтегративниот процес.
Во свое претходно обраќање, Мицкоски наговести дека е подготвен да разговара со анти-ЕУ и анти-НАТО партијата Левица за формирање на идната влада, најавувајќи на тој начин дека со нив ќе преговара за вредностите.
- „Никогаш во политиката не велете никогаш. Тие вредности се ставаат на маса и се прави политички договор, дали ги делиме тие вредности или не ги делиме. Некои вредности ќе доминираат, некои ќе исчезнат. Тоа е политички дијалог што се прави по изборите“ рече Мицкоски.
Со се почестите вакви и слични изјави и излагања во јавноста, најголемата опозициска партија со цел да ја добие власта подготвена е да ги жртвува најголемите стратешки интереси на земјава, додека во исто време полека се откажуваат и од декларативните заложби за членство во ЕУ.