„Во спомен на Есма за незаборав” – вака беше насловен музичкиот настан, кој се одржа вчера вечерта во МКЦ, кино „Фросина“, а на кој беше промовиран документарниот филм за кралицата на ромската музика.
Салата беше преполна со почитувачи на нејзиниот лик и дело, аплаузи за нејзиниот живот и песни за незаборав. Дел од нив беа испеани од златните грла на гостите Сузана Гавазова, Анета Љумаковска, Рамадан Бислим Рамко, Ервин Аметовски, Бернат Демирали и Харија Бислим, во придружба на оркестарот „Титаник“.
Да беше жива таа годинава ќе славеше јубилеј, а токму по тој повод се организираше и настанот, 80 години од раѓањето на големата Есма Реџепова-Теодосиевска, родена на 8.8.1943 година.
-Ова е само мал дел од тоа колку можеме да ѝ се оддолжиме, бидејќи никој не се грижи за наследството што ѝ го остави таа на државата. За жал сѐ се распаѓа, рекоа присутните, со желба ваква манифестација да се организира секоја година.
Дека не ѝ се оддолживме на жената која ја промовираше Македонија низ светот се кажа и во кусиот документарен филм за Есма, снимен во продукција на телевизијата „БТР“, а кој беше прикажан пред да се испеат дел од нејзините големи хитови. И на крај сите заедно на сцената ја испеаја „Чајорије шукарије“, заедно со публиката играјќи, пеејќи и веселјќи се, токму каков што беше и нејзиниот живот- песна.
Организатори се хуманитарната организација „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ и Зоран Димов, сопственикот на телевизијата која го сними документарецот.
Есма Реџепова по кусо боледување почина на 11 декември 2016, ден кога ќе се одбележат седум години од нејзината смрт.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски