Вчера во 12 часот полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш- Отсек за економски криминал го лишија од слобода К.Ѓ. (33) од село Подареш, радовишко, вработен во Државен пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор Струмица со градовите Гевгелија, Валандово и Радовиш, поради сомнение за сторено продолжено кривично дело „примање поткуп” по член 357, а во врска член 45 од Кривичниот закон.
-На 21.11.2023 осомничениот од двајца жители на радовишко примил 3000 денари, кои претходно ги побарал од нив за да не констатира прекршок согласно Законот за изменување и дополнување на законот за забрана и спречување за вршење на нерегистрирана дејност, односно за да не преземе службено дејствие кое бил должен да го изврши. Во моментот кога е лишен од слобода, кај него се пронајдени парите кои ги примил како поткуп, информираат од МВР.
Според информациите од МВР од дополнително преземените мерки и активности било утврдено дека К.Ѓ. во периодот од јуни до ноември 2023 година во повеќе наврати од жители на Радовиш и радовишко примил пари во вкупен износ од 18.000 денари и 150 евра како поткуп.
– Во еден случај примил поткуп за да не констатира прекршок по извршен надзор, а во останатите случаи поткупот го примил со цел да не изврши надзор кој бил должен да го изврши.
К.Ѓ. е задржан во Полициската станица Радовиш и ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица, се вели во информацијата од МВР.