ЕУ кампањата нема да се совпадне со изборите, ниту некако ќе ги прекрши законските прописи, а фантастични суми се два милиона евра за една статуа на мостот „Гоце Делчев“ или еден милион евра за три врби во реката Вардар, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Одговорајќи на новинарско прашање по посетата на ИКТ центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп, Ковачевски објасни дека се работи за информативна кампања која на многу систематичен и аналитички начин, преку разни канали на комуникации, ќе ги објасни европските интеграции и придобивките за граѓаните од овој процес.
Според Ковачевски, имаме многу јасно законодавство кое точно кажува што може, а што не може да се комуницра во изборна кампања.
-Кога ќе кажете фантастична сума, јас ќе ви дадам што е фантастична сума. Два милиона евра за една статуа на мостот „Гоце Делчев“, а уште пофантастична е четири милиони евра за две статуи или милион евра за три врби во реката Вардар. Тоа се фантастични суми. Кога зборуваме за информирање на граѓаните и институциите за евроинтегративниот процес, сметам дека се работи за соодветна кампања. Нашата држава го почна скринигнот, успешно го води и успешно ќе го заврши. Се наоѓаме пред носење одлука во Собранието која ќе значи продолжување на евроинтеграцискиот пат. Кампањата е предложена и организирана според сите законски прописи и според сите постапки предвидени во Законот за јавни нанавки и воопшто нема да се совпадне со изборите. Нема да се работи за никаква, како што велите, злоупотреба на капмањата за парламентарните и претседателските избори со оглед дека имаме многу јасно законодавство кое кажува што може, а што не може да се комуницра во изборна кампања. Се работи за информативна кампања која ќе го објасни процесот на европски интеграции, ќе ги објасни придобивките од овој процес во однос на зголемувањето на животниот стандард, унапредувањето на институциите и во однос на вклучување на граѓаните, невладиниот сектор и институциите во што побрзо завршување на процесот на евроинтеграции и станување земја членка до 2030 година, тоа што нашите граѓани го очекуваат, рече Ковачевски.
Тој при посетата на Центарот беше придружуван од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.