Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност денеска во Скопје ја почнаа кампањата „Користи зимска опрема“, а во врска со законската обврска од 15 ноември до 15 март за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска потенцира дека активностите имаат за цел да ги потсетат возачите на законската обврска за задолжително носење на зимска опрема во овој период, како и да се дадат препораки за одговорно управување со моторно возило и насоки за подготовка на возилата за возење во зимски услови.
-На овој начин ќе се постигне поголема безбедност на сообраќајот при неповолни временски услови во зимскиот период и намалување на бројот на сообраќајни незгоди. Кампањата ќе се спроведува во повеќе градови, а на возачите ќе им поделиме и едукативен материјал со препораки за користење на задолжителна зимска опрема и проверка на возилото, рече Кожуваровска, апелирајќи до возачите да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, да го прилагодат возењето според условите на патот, да држат соодветно растојание и задолжително да користат зимска опрема, со што ќе придонесат за зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски изјави дека само со континуирани превентивни кампањи можеме да го постигнеме посакуваното ниво на безбедност на сообраќајот на патиштата.
-Започнуваме кампања за безбедно учество во сообраќајот во зимски услови, апелираме секој возач да го подготви возилото за зимата која претстои и да ги почитува прописите за задолжителна зимска опрема. Овој пат објавивме и летоци со неколку совети за возачите како побезбедно да управуваат со своите возила.
Заедно со нашите партнери МВР и РСБСП ќе продолжиме активно да работиме за нашите пораки за одговорно и внимателно возење да стигнат до секој учесник во сообраќајот. Безбедноста во сообраќајот е заедничка грижа! Да ги почитуваме прописите за заедничко добро, рече Дујовски.
Помошникот министер за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски потенцира дека секој учесник во сообраќајот мора да ги почитува сообраќајните правила.
-Од сите нас зависи безбедноста во сообраќајот. Доколку ги почитуваме правилата, ќе имаме целосно безбедни улици и патишта. За оние пак кои не ги почитуваат правилата, ќе следат и соодветни санкции. Од денеска почнува и обврската за поседување на зимска опрема во возилата, која е многу важна за безбедно учество во сообраќајот во овој период. Покрај тоа, апелираме до учесниците во сообраќајот да ја прилагодат брзината според условите на патот и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, рече Ангеловски.