На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска универзитетски професори од Штип, Скопје и други градови во државава но и од Факултетот во Ниш, Србија, држеа предавања на симпозиумот на тема од денталната медицина.
Киро Папакоча од Факултетот за медицински науки при УГД-Штип вели дека ова е 12. симпозиум кој традиционално го организира Универзитетот „Гоце Делчев“, а кој има за цел да ги едуцира стоматолозите, но и да ги изложи најновите информации во врска со болестите кои се јавуваат во областа на денталната медицина.
-Оваа година 12. по ред, Симпозиум на меѓународно учество на тема „Современи пристапи во третманот на пациенти кои примаат антикоагулантни, антиагрегантни и антихипертензивни лекови“. Како што споменав, 12- та. различна тема во сите овие наназад, 10 години учествуваме во едукација на докторите стоматолози од нашата држава, а посебно од Источниот дел, вели Папакоча.
Професорот Горан Јовановиќ од Факулетот во Ниш, пак, акцент стави на пациентите со срцева болест и напомена оти стоматолозите во земјава се информирани во врска со најновите појави кај овие пациенти.
-Во фокусот на моето предавање е современиот пристап со пациентите кои имаат вградени вештачки срцеви залистоци, кои сега ги има сѐ повеќе и повеќе. Ова е заболување со прилично висок морталитет, така што една антибиотска профилакса која мора да им се даде на тие пациенти ги прави помалку ризични, иако и понатаму се ризични, а исто така примаат и антикоагулантна терапија, така што и од таа страна ние мораме нив да ги перцепираме, вели Јовановиќ.
Кардиологот д-р Тања Анѓушева ја потенцираше потребата од координирано функционирање на кардиолозите и стоматолозите, особено затоа што е докажано дека со појавата на воспалителните процеси во усната шуплина, се зголемуваат и можностите за настанување на кардиоваскуларни заболувања.
-Темата на моето предавање беше типично за кардиоваскуларните заболувања и денталната превенција во секојдневна клиничка пракса. Мора секој од лекарите којшто се соочува со оваа проблематика да знае точно што се случува со пациентот, како може да му помогне, што треба да превенира, каков план да направи за неговиот понатамошен третман, за да може исходот на пациентот да биде побезбеден. Тимската работа секаде се промовира, а тимската работа помеѓу кардиологот и стоматологот е, навистина, многу битна, затоа што стоматологијата не е само заби, тоа е сѐ, вели Анѓушева.
Симпозиумот кој го организира Универзитетот „Гоце Делчев“ –Штип е акредитиран од стручна комисија при Стоматолошката комора на Македонија.