Ако гледате домашни компании во Технолошко индустриските развојни зони, значи условите за работа на домашните и странските компании се изедначени, а ако не гледате тогаш значи не се. Ние засега не гледаме, рече денес во емисијата “Стадион” првиот човек на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски.
Тој потенцираше дека во текот на изминатите години имало најави за законско решение кое веќе постои но одредени институции го толкувале лошо, па сега се повикуваат на најавите дека во догледно време ќе се прават промени во описот и во имплементацијата на истото.
- Технолошко индустриските зони се добри и имаат своја намена сегде во светот. Со медицински речник да го објаснам тоа е едно помошно лековито средство, меѓутоа не е тоа лек што може да помогне. Многу скромен е доприносот на сите тие странски компании во земјава, нагласува Ангелоски.
Тој вели дека на крајот на денот, освен луѓето кои примаат плата од Технолошко индустриските зони, кои работат таму , економијата не добива, не се градат ланци за снабдување, домашните компании не можат да се вклучат, тешко оди сето тоа.
- Генерално мислам дека со текот на времето треба да се свртиме на еден друг аспект. Ние како држава имаме многу компании во државата, негативно се однесуваме кон нив. Ние домашните компании ги уништуваме и ќе дојде некоја странска која сама себе ќе си направи некое производство, без некоја посебна додадена вредност и ние ќе го анализираме тоа како , какво достигнување, вели првиот човек на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Истакнува дека малку со поотворени очи треба да се гледа на целата состојба со економијата во државава бидејќи како што вели домашната економија во моментов е во релативно незавидна состојба.
- Во сопствената земја јас да бидам дискриминиран, тоа е причината зошто се исселуваат луѓето. Да не халуцинираме. Бараме еднакви услови во секаков аспект. Странските компании, дали се бенифицирани, се бенифицирани. Брзо вадат градежни дозволи, обезбедена им е целокупна инфраструктура. Било која домашна компанија денеска да го има проектот ја мислам дека пет до седум години има да заглави во локалните лавиринти. Вакви дозволи, онакви дозволи, ова требало она требало. Судир со овој градоначалник, со оваа општина, па со ова министерство. Игри без граници. А во ваквите зони релативно брзо се завршуваат процедурите, истакнува Ангелоски.
Повеќе гледајте на линкот подолу, во најновото издание на емисијата “Стадион” на Канал 77.