Одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Македонија во ЕУ го става во неизвесност и реформскиот процес, е оценката на вицепремиерот Бојан Маричиќ искажана на заедничката прес конференција со еврокомесарот Дејвид Гир. Повод за прес конференцијата беше вчера објавениот Извештај за напредок. Вицепремиерот оцени дека првичната анализа на овој документ покажала напредок во 80 проценти од поглавјата, а не е нотирано назадување во ниту едно од поглавјата.
-Значи, има нула назадувања, констатираше вицепремиерот Маричиќ.
Според него, нема никакви дилеми дека одлуката е само во наши раце, а прифаќањето на уставните измени останува предуслов кој не можеме да го прескокнеме.
-Лажна приказна, мит, но и неодговорна и опасна политичка позиција е дека Северна Македонија има луксуз да чека или дека може да постигне подобар договор во иднина. Уверен сум дека со национален консензус и со максимално вложување на Владата како носител на преговорите, но и на сите засегнати страни можеме да ја исполниме заложбата да бидеме подготвени за членство во ЕУ до 2030 година, изјави Маричиќ.
Од првичната анализа на Извештајот на ЕК произлегува важна порака – имаме напредок во 80 проценти од поглавјата, а не е нотирано назадување во ниту едно од поглавјата. Значи, има нула назадувања, констатираше вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Извештајот е показател за тоа што треба да се направи
За Маричиќ, наводите во овој Извештај се сметаат за важен показател за она што се случува и за она што треба да го прават и ги прифаќаат укажувањата.
-Во најголем дел од поглавјата сме со соодветно ниво на подготвеност. Како што рече, оценката за вкупната подготвеност на државата за 2023 година е „добро ниво на подготвеност“ и е солидна константа веќе неколку години наназад. Но, одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Северна Македонија во ЕУ го става во неизвесност и реформскиот процес, изјави Маричиќ, според кого, важна констатацијата на Комисијата дека процесот на скринингот се одвива непречено, успешно и дека земјата и Владата покажуваат високо ниво на посветеност.
Во делот на Кластерот Фундаментални вредности, смета Маричиќ, Европската Комисија констатира дека Македонија продолжи со напорите за зајакнување на демократијата и ја покажа својата посветеност да испорача резултати.
-Сè што е наведено во Извештајот, ни е добро познато и силно се работи на решенијата. Пример за тоа дека предизвиците се детектирани од наша страна и дека на нив работиме за да најдеме соодветни решенија, е работата на Судскиот совет. Ние го согледавме проблемот во функционирањето на Судскиот Совет и затоа побаравме оценска мисија од Европската Унија, која веќе е во тек. Сега ги очекуваме наодите и препораките и останува секоја соодветна институција во рамките на своите надлежности во правосудството, да ги имплементира, рече Маричиќ.
Предизвици
Сепак, за Владата остануваат предизвици во делот на јакнење на капацитетите на независните тела, како Народен правобранител, Комисија за заштита и спречување од дискриминација, потоа унапредување на правата на лицата со посебни потреби, и особено во подобрување на состојбите во затворите и притворите.
Евроамбасадорот Гир Извештајот го оцени како искрен и праведен, со загриженост за тоа дека нема напредок во борбата против корупцијата, но и зголемување на корупцијата на високо ниво.
-Изразена е загриженост за политичка поларизација, особено при гласањето за реформи. Процесот на проширување на ЕУ бара консензус за клучните реформи. Извештајот ја забележува прекумерната, понекогаш непотребна, употреба на знамето на ЕУ. Има злоупотреба на знамето за Кривичниот законик и законите за коридорите 8 и 10-Д. Не е постигнат напредок во владеењето на правото. Недостига доверба во судиите, но и разрешување на поранешниот прв човек на судскиот совет. Апелираме да се одобрат препораките и ве потсетуваме на препораките од претходните години кои не се имплементирани“, кажа Гир.
Покана од ЕУ
Ден по објавувањето на Извештаите за напредок на десет земји, вклучително и за Македонија, стигна веста дека Советот на постојани претставници на ЕУ го усвои Писмото со кое се упатува покана до земјава да ги подготви патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација за отворање преговорите по кластерот 1 „Фундаментални вредности“.
По одлуката на Советот, министерот за надворешни работи Бујар Османи објави дека со ова успешно е завршена уште обврска која не носи поблиску до отворање на кластерите и поглавјата во насока на забрзана ЕУ интеграција.
– Добра вест од Брисел! Вчера, Советот на ЕУ го усвои писмото со кое сме поканети да ги подготвиме патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација за отворање на кластерот 1 Темели“, напиша Османи.
На почетокот на август, Европската комисија го објави и ни го достави нацрт скрининг извештајот за кластерот 1 „Фундаментални вредности“. Овој Извештај содржи оценки засновани на информациите добиени за време на скринингот. Се однесува на сферите опфатени со овој кластер и дава насоки за идните реформи кои земјава треба да ги спроведе во областа на владеењето на правото, реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и човековите права. Дава насоки како да го зајакне функционирањето на демократските институции и реформата во јавната администрација, со цел исполнување на условите за членство во Унијата.