Одложениот концерт на Танец во чест на Васка Илиева, ќе се одржи овој четврток, на 9 ноември 20203, во 20 часот, до Домот на АРМ.
Концертот на Танец во чест на 100-годишнината од раѓањето на Васка Илиева е замислен како ексклузивна гала вечер, каде што солистите и ансамблите на НУ Танец ќе изведат петнаесетина антологиски песни од нејзиниот богат изворен, но и авторски репертоар, а ќе бидат прикажани и вредни архивски материјали поврзани со животот и делото на чествуваната уметница.
Васка Илиева (1923 – 2001) е доајенка на македонската народна песна и една од најпознатите македонски изведувачки на народна музика. Оваа знаменита Скопјанка, својата музичка кариера ја започнува во 1950 година, токму во Државниот ансамбл за народни игри и песни „Танец”.
Со својот уникатен стил на изведба и неповторливиот глас, Васка Илиева многу брзо станува популарна и настапува на безброј концерти, не само во татковинатa, туку и во светот. И денеска, нејзините изведби на песните: „Земјо македонска”, „Имала мајка”, „Излегол Невен Пејо”, „Аир да не сториш мајко”, „Сестра кани брата на вечера” се македонски песнопоен белег со трајни вредности за македонската културна историја.
Оттука, заслужени се сите епитети со кои Илиева се здоби за време на својата долга музичка кариера, меѓу кои и „Кралица на македонската народна песна”.