Фотографија од лифт на Одделението за физикална терапија на штипската Клиничка болница деновиве се споделува по социјалните мрежи со лути реакции дека ни по шест месеци не е поправен.
Лифтот нема да проработи и нема да се стави во функција. Едноставно, го ислужил своето по над 50 години работи. Директорот на Клиничката болница Ален Ѓорѓијев рече дека лифтот ќе мора да се замени со нов, кој чини 70.000 евра.
-Не се работи за дефект на лифтот бидејќи оние сервисери кои дојдоа рекоа дека тој лифт е премногу стар и веќе никакви поправки и ситни работи не можат да го стават во функција, туку треба комплетно да се направи ноф лифт со нова кабина. Ни дадоа понуда. Цената на чинење е над 70.000 евра, оваа година не, ама сметам дека наредната година и тоа ќе го ставиме во план, одговори Ѓеорѓијев на новинарско прашање.
Фотографии со внатрешноста и надворешноста на зградата на Физикална терапија често осамнуваат на профилите на социјалните мрежи на многу пациенти.
Ѓеоргијев објасни дека се работи за стара зграда, која служи повеќе од половина век. Таму треба темелна реконструкција, за што е потребно вклучување на Министерството за здравство. Болницата од своите средства, ќе ги реконструира тоалетите, најави директорот, за што во тек е јавна набавка.
-Тоалетите кои се во план да се реализираат во декември, ќе ни заврши тендерот за техничко работење. И објектот на физикална медицина како и целата болница знаете дека е повеќе од половина век стар. Бидејќи се гради нова болница нашиот акцент е ставен на кадарот и на оние работи кои се неопходни за работа, еве, нови апарати, лекови, нафта, греење и слично, изјави Ѓеорѓијев.
Со други зборови, надежта е во завршување на новата болница, на која повеќе од една година не се работи. Министерството најави завршување со пари од буџетот следната година.