Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, денеска организираше свечен прием за боксерот Бајрам Мамутовски (17) од боксерскиот клуб „Куманово 84“ кој неодамна освои златен медал на балканското првенство за јуниори и младинци кое се одржа во Валчеа, Романија.
На средбата градоначалникот Димитриевски му честиташе на Мамутовски за освоениот златен медал, кој младиот кумановец го освои во категорија до 48 килограми во конкуренција на 120 боксери од 14 држави.
-Му честитам на младиот Мамутовски. После подолг временски период Куманово повторно се закити со меѓународен медал, посакувам успех. Благодарност до клубот и уште еднаш да имаме олимписки медали, изјави Димитриевски.
Тој повика и на поддршка од компаниите и кажа дека градот отсекогаш имал потенцијал за овој спорт.
-Тренирам пет години со тренерите Самет Салиевски и со Мухамед Алија. Задоволен сум од успехот на балканското првенство. Очекувам успех и во Хрватска и на светско и сонот на секој боксер да се натпреварувам на олимпијада, изјави младиот Мамутовски.
Самет Салиевски, селектор и тренер објасни дека Мамутовски со 5:0 ги победил натпреварувачите од Молдавија и Романија. Салиевски се заблагодари за досегашната соработка со општината и градоначалникот.
-Се надеваме на успех и на европско првенство и светско. Очекуваме Мамутовски достојно да ги одбрани боите на Куманово и на државата, изјави Салиевски.
Димитриевски кажа дека етапно се реконструира спортската сала каде тамошната боксерската сала е реконструирана. Во наредната фаза се очекува и внатрешно уредување. Во моментов, боксерите за тренинг ги користат училишните спортски сали, приватни теретани за кои пак плаќа општинскиот сојуз на спортови за најдобрите спортисти.
Муратовски годинава освои сребрен медал на меѓународен турнир во Бања Лука, а беше прогласен за најдобар боксер на турнир во Лесковац и на турнирот „Мирослав Петровиќ“ во Куманово. Тој е актуелен првак во државата во неговата категорија.