Највисоката пријавена бруто годишна плата лани изнесувала 144 милиони денари, исплатена е на скопјанец во дејноста трговија на големо со производи од тутун. Највисоката годишна пензија, пак, изнесува 5,8 милиони денари, а најмлад „милионер“ во денари е деветгодишник, а во евра 24-годишник.
Според податоците што ги објави денеска Управата за јавни приходи, наjмладиот милионер во денари остварил 1.015.740 денари од закупнини, највозрасниот има 97 години и лани остварил доход од 1,2 милиони денари по основ на пензија и доход од извршена работа.
Лице кое во 2022 година било на 24 годишна возрaст, кое остварило и пријавило приход од странство во износ од 61.684.529 денари, е најмладиот милионер во евра, а 77 годишник е највозрасниот милионер во евра и остварил доход главно од дивиденди од компании во земјава во износ од 92.999.331 денар.По основ на добивки од игри на среќа на кичевец му се исплатени 32,9 милиони денари, а второрангиран е кочанчанец со износ од 27,3 милиони денари. Добивката ја оствариле од игри на среќа организирани од Државната лотарија.
Како што соопшти директорката на УЈП Сања Лукаревска, жител на Скопје минатата година остварил и пријавил 446 милиони денари годишен бруто доход. Највисока годишна бруто плата во 2022 година исплатена е на граѓанин од Скопје во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 144 милиони денари. На листата на највисоко рангирани бруто плати се и исплатените во дејностите: производство на вино и грозје, на метални производи, болници, трговија со фармацевстки производи, управувачки дејности и компјутерско програмирање.
-Највисокото лично примање по основ на извршена работа го пријавил граѓанин од Скопје и изнесува 280,6 милиони денари на годишно ниво, а доходот е остварен во странство. На врвот на листата за исплата на највисок доход од самостојно вршење дејност повторно се скопјани, а највисокиот износ е 61,9 милиони денари. Во 10- топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија и од дејноста производство на анбалажи од хартија. Највисокиот доход од продажба на земјоделски производи е во износ од 18,9 милиони денари, а ја остварил жител на Скопје, информираше Лукаревска.
Највисоката капитална добивка минатата година изнесува 173,4 милиони денари, а е остварена и пријавена од граѓанин на Скопје кој продал удел во трговско друштво чија дејност е производство на филмови, видео филмови и телевизиска програма. Податоците на УЈП покажуваат и дека највисоката исплатена дивиденда е во износ од 229,6 милиони денари на граѓанин на Скопје, кој се јавува како сопственик на удел во компанија чија дејност е болници.
Во категоријата друг доход, жител на Tетово пријавил гoдишен бруто доход од 181.0 милиони денари, кој е исплатен од странски компании кои работат со социјални мрежи и видео платформи. За тој износ, лицето платило 18,1 милион денари данок на личен доход.
Скопјанец остварил највисок бруто доход од закуп и подзакуп на имот кој изнесува 37 милиони денари, а негов сограѓанин е со највисок годишен бруто приход во износ од девет милиони денари по основ на улатени премии и исплатена осигурана сума. Прворангиран на листата на остварени приходи од авторски права и други стварни права со бруто доход од 22 милиони денари е скопјанец, а жител на Охрид е со највисок доход по основ на права од индустриска сопственост.
Најголемиот број граѓани, 617 856, оствариле бруто доход кој се движи во прагот од 100 илјади до милион денари, додека 62 455 граѓани оствариле бруто-доход од над милион денари. Споредено со 2021 година, во 2022 година се бележи раст на бројот на граѓани кои оствариле доход кој спаѓа во врвните прагови, односно 28 граѓани во 2022 година оствариле приход од над 100 милиони денари, што е за тројца повеќе во однос на 2021 година, а 99 биле со приходи во прагот од 10 до 100 милиони денари што е за 238 лица повеќе во однос на 2021 година.
Искажаниот бруто годишен приход во пријавите за 798 761 граѓанин за минатата година изнесува 413,8 милијарди денари, додека пресметаниот данок на личен доход е во износ од 25,7 милијарди денари. Вкупниот приход на граѓаните минатата година е повисок за 47,2 милијарди денари во однос на 2021 година, а данокот на личен доход е за 3,3 милијарди денари повисок.
МИА