За ниту една храна посебно не може да се тврди со сигурност дека го намалува ризикот од рак на дојка – вели во интервју за ММС, нутриционистот Антонио Велковски.
Откако и годинава, четврти февруари се одбележа како Светски ден за борба против ракот, во разговорот со нашиот соговорник фокусот го ставаме на поврзаноста на исхраната и малигнитетот на дојка. Како да се хранат пациентките, каква е улогата на сокотерапијата која станува сѐ попопуларна и дали со храната може да се намалат нус ефектите од силните терапии се само дел од прашањата за кои побаравме одговори од Велковски.
На Интернет може да се најдат голем број написи кои тврдат дека со одреден вид храна може да се превенира ракот на дојка. Дали е ова вистина или мит? Може ли преку стилот на исхрана да го спречиме овој тип малигнинет?
-Ракот на дојка е многу покомплициран од дијабет или срцевите заболувања во однос на факторите и како тие делуваат со текот на времето. Истото важи и за поврзаноста со исхраната – никоја храна посебно не може со сигурност да се тврди дека делува за намалување на ризикот од рак на дојка, но проучувањата врз ефектите од консумирање зеленчук и овошје веројатно се најветувачки. Се смета дека посебно ЕР-негативниот канцер на дојка се поврзува со слабиот внес на овошје и зеленчук. Ова посебно се однесува на агресивните форми на канцер.
Зеленчукот и овошјето содржат антиоксиданти и анти-естроген карактеристики. Посебно може да се издвои круциферниот зеленчук (брокули, карфиол, зелка, прокељ) затоа што е богат со битни фиохемикалии. Исто се смета дека исхраната со диететски влакна можеби помага за хормоналниот статус. Јаткастите плодови и семките веројатно доста го намалуваат ризикот од рак на дојка. Сѐ уште нема доволно детали, но голем број студии се конзистентни. Целозрнестите житарки се доста добро решение за поголем внес на диететски влакна, а со тоа и внес на фитохемикалии, витамини и минерали.
Постојано се даваат претпоставки до кој степен исхраната може да влијае врз појавата на канцер на дојка. Ако се гледа низ земјите со повисок внес на масти – токму во тие земји има и повисок степен на канцер и повисок степен на кардиоваскуларни заболувања. Но епидемиолозите сфатиле дека мора да има и други фактори што се поврзуваат со животниот стил, како пушење, консумирање алкохол и физичка активност – затоа мора да се гледа попродлабочено. Конкретни диети за заштита од канцер не може со сигурност да се препорачаат и затоа што самата исхрана е доста сложена и двајца не јадат иста храна. Не постои ни едноставен биохемиски тест и крвна анализа за да се дефинира нечија исхрана. Се работи за долг процес и тоа што го јадеме денес, не може веднаш да влијае за зголемување на ризикот од канцер утре.
Најчесто се смета дека комбинацијата од гените и животниот стил е главен фактор за развој на рак на дојка и дека дел од ризиците започнуваат уште рано во животот. Животниот стил во детството и пред сѐ во адолесценцијата можат да влијаат врз ризикот од канцер на дојка во иднина. Студии покажуваат дека исхраната и физичката активност (пред се физичката неактивност) на возраст од 12 до 20 години може да имаат влијание за цел живот. Како ризик фактор се наведува и зголемената телесна маса (значи индиректна поврзаност со вкупната исхрана). Колку жената има поголема телесна маса, повисоко и е нивото на естроген. Сепак, рак можат да развијат и жени што здраво се хранат и се со нормална телесна маса.
Со оглед на тоа дека пациентките примаат имунокомпромитирачки терапии, каква е улогата на храната во зачувување на имунитетот за време на хемотерапија или терапија со зрачење?
-Добриот начин на исхрана е еден од најефикасните начини да се одржи организмот здрав за време на лекувањето од канцер.
Со одржување на нормална тежина и консумирање доволно нутритивна храна поголема е веројатноста дека ќе се одржи добар имунитет и ќе успее организмот да се избори со последиците од терапиите. Покрај тоа, клетките на канцерот се силни консументи на резервите на енергија, па заболените чувствуваат поголемо чувство на замор од обично. Ако не се направи корекција на исхраната, може секојдневно да се пропуштат битни хранливи материи кои би му биле потребни на организмот поефикасно да се бори со клетките на ракот.
Балансираната исхрана не само што овозможува оптимална работа на имунолошкиот систем, туку овозможува и баланс на електролити, одржување нормална телесна тежина, дава повеќе енергија и помага да се надмине заморот кој обично се појавува како последица на терапиите. Најголема препрека кон ваквата цел е што постојат денови по терапијата кога пациентките немаат желба за храна.
Каква храна се препорачува во овој период на третман и лекување или сѐ зависи од тоа какви нус ефекти имаат пациентките и со каков интензитет се истите?
-Сите различно реагираат на терапиите – две жени да примаат иста хемотерапија, едната ќе има чести гадења, а другата можеби и скоро воопшто да нема такви симптоми. Промени може да се случат и од еден третман до следниот.
Сепак, главна препорака при третманот и периодот на лекување е дека на организмот во овој период посебно му се потребни калории од храната што се консумира и доволно протеини, витамини и минерали за да се поттикне побрзо заздравување и одржување добар имунитет. Најчесто најдобро се поднесуваат неколку (5 или 6) помали оброци во текот на денот, посебно ако има појава на гадење, повраќање или дијареа. Кога храната е поделена во помали, редовни оброци во текот на денот, организмот успева да го извлече максимумот од секој оброк. Покрај тоа, кога некој има намален апетит, голема порција храна би го одбила целосно од јадењето. Во ваквите случаи мал оброк или ужина би биле попримамливи и поподносливи за дигестијата.
Протеините се многу битни за да се одржи мускулната маса. Протеините може да се најдат во месо, риба, јајца, грав, леќа, наут, семки, јатки, па дури и во млечни и соини производи (кои не се забранети за канцер пациентите). Борбата со канцерот преку терапии ја зголемува потребата за протеини, поради што добро е да се вклучи извор на протеини барем 3 пати во текот на денот или 4-5 пати ако се консумираат многу мали порции.
Ако дојде до упорно опаѓање на телесната маса, треба да се консултира стручно лице за составување соодветен план за исхрана. Витамините се многу битни за време на третманите за заздравување на организмот и за одржување добар имунитет. Ако пациентката не може да консумира доволно храна неколку денови нема потреба од дополнителна суплементација. Сепак, ако се работи за константно гадење и избегнување храна, добро е да се размисли за витамини и минерали во суплементирана форма.
И течностите се многу битни како заштита на бешиката и бубрезите од ефектите на хемотерапијата. Хидратацијата помага да се регулира телесната температура, крвниот притисок и балансот на електролити, штити и од констипација и им помага на органите полесно да се ослободат од отпадните материи и токсините.
Затоа секојдневно треба да се внесуваат барем 2 литра течности. Пред хемотерапија и неколку денови по терапијата дури пожелно е да се пијат и повеќе течности. Ако некому не му се допаѓа вкусот на обичната вода, може да си додаде неколку капки сок од лимон или да се додадат парчиња лимон или портокал. На некои жени во овој период минералната вода им е повкусна од обичната вода. И не мора секогаш да се пие само вода – во вкупната пресметка влегуваат и овошје и зеленчук со голем процент на вода (пр.краставица), зеленчукови супи, па и овошни сокови убаво растворени, како и кафе и млеко.