Филмот „Чувари на формулата“ по многу нешта се разликува од досегашните мои проекти. Најголемиот предизвик ми беше да создадам одредена тензија или динамичност на настаните кои се случуваа во болницата, но и да создадам одредена мера на автентичност при интервенциите на ликовите, вели во изјава за МИА српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ, кој токму со ова негово најново филмско остварување ја доби наградата за најдобар филм на осмото издание на МФФ Киненова.
– Токму тоа е она што гледачите треба да го гледаат повеќе пати во филмот, и одново да им се зголемува интересот за самиот филм, да имаат желба да знаат како сето тоа на крајот ќе се заврши. Приказната во филмот се раскажува во неколку слоеви. Филмот говори за четири до пет паралелни настани, а на крајот сите ќе се слеат во еден настан, појаснува Бјелогрлиќ.
Од 9 ноември филмот ќе почне да се прикажува во киносалите пред македонската публика.
„Чувари на формулата” е копродукција меѓу Кобра Филм и Тон Филм од Србија, Скопје Филм Студио од Македонија, Перфо Продукција од Словенија и Битер Фрејмс од Црна Гора, поддржани од националните фондови на овие земји и Еуримаж.
Бјелогрлиќ е и продуцент на филмот со Драган Шолак, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ, Алеш Павлин, Андреј Штритоф, Томи Салковски, Ѓорѓе Војводиќ и Дејан Чакајац.
Филмот не враќа во октомври 1958 година, во екот на кризата од Студената војна, кога група научници од Институтот „Винча“ во Србија, спроведуваат таен проект предводен од професорот Драгослав Поповиќ. Поради непредвидени околности, тие се изложуваат на смртоносна доза на радиоактивно зрачење од ураниум, поради што југословенската тајна полиција ги носи на лекување во клиниката Кири во Париз.
Наградата за најдобар филм му беше врачена на Бјелогрлиќ на 18 октомври во Синеплекс, кога токму со прикажување на неговиот најнов филм свечено беше затворено осмото издание на МФФ Киненова.
Прашан дали му е потешко да биде актер или режисер, Бјелогрлиќ, открива дека сега режирањето му буди поголем интерес.
– Многу полесно ми е да бидам актер, затоа што тоа е нешто што го работам од моето детство. Но режирањето сега ми буди поголем интерес, вели Бјелогрлиќ за МИА.