Апаратот за магнетна резонанца во Клиничката болница – Штип е вон употреба. Се чека набавката на дел од американскиот производител откако заврши јавната набавка. Од друга страна апаратот за Компјутерска томографија е максимално преоптоварен. Наместо оптимални 20-25 снимања дневно, апаратот се употребува и за максимални 70 снимања и најчесто има негативни наоди. Ова според зборовите на директорот на болницата Ален Георгијев се должи на тоа што упатите често не се од специјалисти, туку на снимање упатуваат и другите доктори. Овој интензитет на работа е кај апарати кои повеќе од една деценија се во употреба.
-Во најголем дел имаме негативни наоди на томографи. Упатувам апел до матичните лекари и сите останати, пациентите треба да бидат упатени од специјалистички доктори и тие да бидат оние кои ќе утврдат индикацијата за снимање и во моментот кога тие слободни термини да не бидат непотребно зафатени. Тоа создава нервози и тензии кај оние што имаат реална потреба од тоа, рече директорот Георгијев.
Проблемот го лоцира и кај матичните лекари, кои како што вели, го прескокнале скалилото на закажување.
-Многу полесно е нашите специјалисти да креираат термини. Имаме лежечки пацинети, итни пацинети, луѓе кои доаѓаат од страна – сме наоѓале начини да се сликаат. Но, сето тоа ја зголемува бројката на сликани пацинети, ја отповарува апаратурата и колку повеќе снимања се прават ја оптоварува цевката и ја амортизира опремата, кажа Георгијев.
Во Клиничката болница денеска беше предадена донација од десет болнички кревети од Асоцијацијата Алзас Македонија АЛМА со седиште во Стразбур, Франција. Оваа донација е дел од поголемата пратка на помош за мекедонските болници и здравствени центри, во слкоп на Министерството за здравство.