Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, осомничениот од јуни до 13 октомври годинава, во дворот од неговата семејна куќа во Гевгелија, засадил семки од растението канабис, редовно ги наводнувал и кога растенијата доаѓале во фаза на цветање ги собирал цветните завршетоци и ги сушел.
-При претрес во домот и помошните простории на осомничениот полицијата пронашла 29 стебла канабис со висина од 15см до 120см со оформени цветни завршетоци. Во неговата соба бил пронајден алуминиумски омот со 0,26 грама наркотична дрога марихуана, рачно изработена цигара со 0,77 грама марихуана, семки од растението со вкупна нето маса од 3,80 грама, како и остатоци од кокаин, хероин и МДМА, пронајдени на различни предмети, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Гевгелија доставил предлог за определување мерка притвор бидејќи, како што е наведено во соопштението, постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе се даде во бегство, ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и дека ќе го повтори кривичното дело
Основното јавно обвинителство Кочани, пак, предложи притвор за 41-годишен жител на Делчево, кај кого на 13 октомври беа пронајдени повеќе пакувања наркотична дрога – кокаин со вкупна нето маса од 29,15 грама.
-Осомничениот бил сопрен за контрола и преглед додека управувал автомобил, при што со возилото се дал во бегство и се обидел да се ослободи од дел од дрогата, фрлајќи неколку пакувања низ отворениот прозорец. Меѓутоа бил запрен и лишен од слобода, а против него исто така е поведена истрага за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.