Потомокот на единственото еврејско семејство Рубиса, кое остана да живее во Штип по Холокаустот, Пајо Рубиса, по 20 години живот во Израел, синоќа се врати во родниот град. Рубиса беше дел од групата македонски државјани кои живеат и работат во Израел, но и туристи кои престојувале таму, кои по нападите, побарал од нашата влада да помогне во враќањето во Македонија.
Пајо Рубиса сподели информација дека групата што се врати е само дел од над 500 македонски државјани кои живеат во Израел, но и покрај воените дејствија, останале уште Македонци, главно луѓе кои подолго време живеат во Израел.
-Се’ уште не ја знаеме точната бројка на македонски државјани. Знаеме дека се иселуваа од 1938 година и од тогаш па наваму некои доаѓаат на работа, се иселуваат, може да се каже дека 500 и нешто живеат. Се вратија сто и нешто, а останале уште Македонци, кои подолго време живеат во Израел. Има некои луѓе кои работат преку агенции, работат година и повеќе, но повеќето се вратија, вели Рубиса.
Неговото семејство, како што рече живее во град на 10 километри од Тел Авив, за кое вели дека е многу убаво уредно, нов град што наликува на Штип. Кога почнале нападите Рубиса бил надвор од градот и по два дена се вратиле. Иако и до сега имало напади и инциденти, сепак, ова што сега се случува, како што оцени, ќе трае подолго време.
-Овој пат е многу посериозна работата. Се работи за тоа дека терористи влегоа во Израел, не бираа кои луѓе се таму, туристи, по верска припадност, националност, пукаа по луѓе и многу загинаа таму. Имаше многу на фестивал на техно музика, по сите пукаа. Имаше и напади со ракети, стигнаа до нашиот град. Во моментот не бевме таму, но по два дена се вративме. Бевме вознемирени и одлучивме да се вратиме. Израел има полиција, војска, која е нон стоп е активна, не е секогаш во војна, се случува да има интервенции, но ова што сега се случи ќе трае. Ракетите стигна до Тел Авив, го поминуваат малку, но не стигнаа подалеку од Тел Авив. Проблемот е што Хамас соработуваат со Либан, а нивните ракети можат да стигнат подалеку. Сега имаше над 5000 ракети, а само 20-30 паднаа на отворено место, а некои удрија директно во куќи, згради. Целта на Израел е да го уништи Хамас до крај, затоа што никој не помислил дека ќе ја поминат границата и ќе убиваат невини луѓе, изјави Рубиса.
Тој и неговото семејство остануваат во родниот Штип, каде како што вели го врзуваат пријатели, роднини.