Како се случи најспособното светско разузнавање – израелското Мосад, да не го предвиде нападот на Хамас? Прашањето за милион долари деновиве има различни одговори – од тоа дека Мосад повеќе не е тоа што беше до тоа дека се работи за погрешна проценка. Израелскиот професор и психолог Сем Вакнин во емисијата „Стадион“ на Канал 77 што ќе се емитува утре (14.10.2023), вели дека Израел имаше на располагање многу информации за нападот што претстоеше, вклучувајќи го и точниот датум на нападот.
-Хамас всушност испраќаше пораки преку WattsApp до многу Израелци велејќи им „последниот ден од празникот Сукот ќе биде црн ден за вас“. Значи го знаеја датумот. Од декември минатата година до пред две недели, Хамас објави многу видеа на кои покажуваа како ќе освојат многу кибуци и ќе ги убијат сите таму. Значи имаше прикази на војници на Хамас на видео, јавно објавени видеа. Имаше различни видови на предупредувања, можеби не детални, но дефинитивни предупредувања, на пример од Египет. Значи, Израел знаеше но одби да верува во тоа. Понекогаш ги имате информациите но одбивате да верувате во нив. На пример, ако некој дојде и ви каже, жената те мами со друг, ќе одбиеш да поверуваш. Ќе го одрекуваш тоа, ќе се обидеш да го врамиш на друг начин… Ќе му се налутиш на гласникот, вели Вакнин во „Стадион“.
Проблем проценувањето на разузнавачките податоци
Понатаму Вакнин објаснува дека не се работи за проблем во собирањето на разузнавачки податоци, туку проблем со проценувањето на разузнавачките информации и нивното толкување.
-Постоеше парадигма дека Хамас во моментов не посакува војна. Хамас сака економски раст, на Хамас му е потребно Газа економски да успее, за да остане на власт. Затоа што Хамас, нивната популарност падна од 53% во 2021 на 31% во 2023 година. Популарноста на Хамас доживеа целосен колапс. И Израелците се убедија самите себе дека начинот да се пацифицира Хамас е да му се дозволи на Хамас да создаде „економско чудо“ во Газа. Значи, Израелците издадоа 60,000 работни дозволи на жителите на Газа да работат во Израел. Му обезбедија на Појасот Газа 75 отсто од нивната потрошувачка на електрична енергија, 50 отсто од нивната потрошувачка на гориво, 69% од потрошувачката на храна, и 73% од потрошувачката на лекови. Сето тоа дојде од Израел. Израел соработуваше на монетарен план со Хамас. Најголемиот дел од буџетот на Хамас доаѓа од Израел, во форма на поврат на ДДВ. Значи, имаше полна соработка помеѓу Израел и Хамас, и Израел се убеди сам себе дека Хамас нема веќе да става акцент на военото решение, туку дека сега е зафатен со обезбедувањето на реизбор, на политичката моќ, на останувањето на власт, итн. Тоа беше голема грешка затоа што Хамас се подготвуваше за војна, објаснува Вакнин.
Понатаму во интервјуто Израелецот објаснува зошто смета дека земјата под водство на Нетнајаху стана, како што рече „ефективна диктатура по пример на таа на Путин“.
Вакнин предвидува дека ќе се случи граѓанска војна во Израел по завршувањето на оваа војна. Како што вели, можеби таа ќе биде само правна граѓанска војна… „Но ќе има судир, ќе има војна, голем судир што ќе биде закана за опстанокот на Израел“, заклучува Вакнин.
„Стадион“ на програмата на Канал 77 е утре во 10 часот.