И денеска продолжува анкетната расправа во собраниската Комисија за финансирање за случајот Онкологија, ден откако пратениците имаа прилика да слушнат конкретни бројки од државниот ревизор Максим Ацевски. Тој изнесе податок дека за само една година двојно пораснале износите за биолошка терапија. Ацевски пред Анкетната комисија зборуваше за наодите од државната ревизија за работењето на Клиниката за радиотерапија и онкологија низ извештаите за 2021 година, но и претходните, почнувајќи од 2008 година. Секаде има значајни пропусти во работењето со финансиите. Но, драстични бројки покажал извештајот за трошоците за биолошка терапија, што сега е предмет на истрага на Јавното обвинителство.
-Според информациите во акцискиот план од Клиниката, се покажува дека во 2023 година вредноста на средствата обезбедени од 2021 година во износ од 481.589.000 денари е зголемена на една милијарда и 200 милиони денари, но што ја покажува оваа ситуација? Поради недостиг на дефинирање на надлежностите и немање пишани процедури и протоколи за начинот на дејствување и доделување на биолошката терапија, можно е самиот лекар да одлучи кој пациент ќе биде вклучен во биолошката терапија или не. Со ваквиот начин на постапување каде лекарот сам одлучува и одобрението го дава медицинскиот директор наместо согласно одредбите од Законот за здравствена заштита, каде што ќе го дава колегиумот на стручни лица, доведува до ситуација да се преземаат повеќе обврски на условно одобрениот буџет на Клиниката, со што се создаваат дополнителни обврски и не се овозможуваат еднакви права за сите пациенти на кои им е потребна биолошка терапија“, кажа Ацевски.
Главниот државен ревизор Максим Ацевски рече дека со ваквиот начин на делење одлучување, се создава сомнеж од субјективното дејство за тоа кој пациент ќе биде вклучен во биолошката терапија.
Ова е само еден од низа пропусти поврзани со работењето на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија што се утврдуваат со извештаите на Државна ревизија со години, пропусти кои директно влијаат на услугите на пациентите,
Според Ацевски, набавката на потребната терапија ја спровело Министерството за здравство, со договор склучен од Клиниката, но без согласност од Фондот за здравствено осигурување, кој треба да ги обезбеди потребните средства.
„Ова покажува дека се преземени обврски во износ од пет милиони 735 илјади 289 евра над условниот буџет одобрен од ФЗОМ. Воедно, востановена е практиката самите медицински лица да преземаат активности за снабдување на потребната биолошка терапија пред да се пристапи кон склучување на договорот за јавни набавки за наведената биолошка терапија. Ваквото постапување всушност, создава сомнеж дека без оглед на заклучокот дека одредена терапија се снабдува само од еден добавувач, јавната здравствена установа ќе биде ставена во неповолна положба. Сите знаат дека ако купите нешто пред време, а потоа побарате да склучите договор, тогаш сте во полоша ситуација во која постои можност за уцена“, објасни Ацевски.
Ревизорските извештаи препорачуваат измени на одредбите од Законот за јавни набавки, со што ќе се интервенира во можноста за ограничување на маржата за набавка на овие лекови. Клиниката, исто така, има пракса одредени производители на уреди за примена на терапија, како единствени производители да го заобиколуваат системот. При тоа, мора да се набавуваат реагенси за конкретниот уред, да не може да користат од друг производител.
Клиниката за онкологија и во јануари или февруари ќе биде предмет на ревизија во однос на преземените мерки и препораките објавени во ревизорските извештаи.
Сепак, Ацевски пред пратениците постави легитимно прашањето – дали Државната ревизија требало да ја изврши ревизијата во оваа здравствена установа за надлежните лица во оваа установа да пристапат кон дефинирање на некои протоколи за лекување? Да почнат ги почитуваат одредбите од Законот за здравствена заштита каде субјективните заштита каде субјективното дејствување би било ограничено и невозможно и каде би се обезбедил релевантен и еднаков третман на сите пациенти?