Судиите кои биле делегирани од Судскиот совет за период од една година да работат во малите основни судови, понудиле различни причини со кои одбиле да ја прифатат одлуката на Советот. Еден од судиите како причина навел дека детето го носи на логопод, поради што не е во можност да патува и работи во судот каде бил делегиран.
Поради тоа, Судскиот совет денеска одлучи овие исти судии кои се жалеле на нивната прва одлука, повторно да ги прераспредели во помалите судови.
Еден од членовите на Судски совет како пример го зеде Основниот суд во Берово. Таму работи само еден судија, кој е и в.д. претседател, исто така делегиран од соседен суд. Единствениот судија има 640 предмети за работа. Законски за еден основен суд да постои, треба да има минимум тројца судии. Беровскиот суд, како и неколку други во државата, нема законска основа да постои, меѓутоа, се прават напори преку делегирање на судии од околните судови, оваа институција да продолжи да работи.
Предлогот на Судски совет е во Берово да биде делегирана Билјана Иванова, новоизбраната судијка, инаку снаа на Цветанка Иванова, секретар на Собранието на РСМ. Иванова, која е завршен кадар на Академијата за судии и обвинители, е избрана за судија во Основниот суд во Струмица. Членовите на Судскиот совет сметаат дека струмичкиот суд е најблиску до Берово, поради што Иванова во наредната година треба да суди во Берово, за што ќе добива патни трошоци.
-Кадрите вршат притисок да се отворат места во Скопје и е голем притисокот. Но, кога треба да работат во други судови преку делегирање, тие не сакаат. Неспорен факт е дека најголем број на судии има по скопските судови, а потоа во Битола и Струмица, беше речено на седницата на Судскиот совет.
Покрај Иванова што беше упатена во Берово, Судскиот совет донесе одлука судијата Кирил Стојановски од Основен кривичен суд Скопје да биде делегиран во Основен суд Прилеп, Фросина Стојановска од Основен кривичен суд во Основен суд Прилеп, а од Основниот кривичен суд судијата во Скопје, Ахмед Идризи да биде упатен во Кичево во Основниот суд. Судијата Андреа Апостолска Малиноска од Основен граѓански суд – Скопје да биде делегирана во Основен суд Кичево и Пајтин Машкули од Основен граѓански суд Скопје во Основен суд Струга.
Исто така, претходно беа делегирани судиите Маја Каталиниќ од Основниот граѓански суд – Скопје во Куманово, Костадин Георгиев од ОС Струмица во Делчево, Иван Колевски од ОС Битола во Прилеп и Јордан Јованов од Граѓански суд Скопје во Струга.