Клиничките болници во Битола и во Штип, но и Градската општа болница „Осми септември“ во Скопје добија апарати за зрачна терапија, но пациентите со рак, сепак таму не можат да го добијат ваквиот третман. Клиниката за онкологија во Скопје веќе станува претесна за сѐ поголемиот број на онколошки пациенти. Сепак, ветувањата на здравствените власти за растеретување на работата на оваа установа и создавање услови за лекување и надвор од неа, останаа нереализирани додека пациентите мака мачат да дојдат до потребната здравствена услуга.
Македонија не е само Скопје, но кога станува збор за пристапот до здравствените услуги, сите патишта водат токму кон главниот град. Централизираноста и понатаму останува „рак рана“ во македонското јавно здравство кое кубури и со опрема и со кадри и со соодветна инфраструктура.
Наводите за злоупотреби со лекови на Клиниката за онкологија во Скопје го актуелизирaa прашањето за условите за лекување на едни од најранливите пациенти, односно дијагностицираните со карцином. За оние од внатрешноста, лекувањето е уште поголем предизвик дотолку повеќе што третманот надвор од нивниот град бара повеќе време, но носи и поголема финансиска исцрпеност.
Пациентите кои имаат третман со зрачна терапија, а се надвор од Скопје, се принудени да бидат хоспитализирани на скопска Онкологија и по повеќе од еден месец. Семејствата ги гледаат само за викенди, додека останатите денови ги минуваат меѓу болничките ѕидови за третмани кои дневно одземаат по неколку минути. Оние кои ќе се снајдат како знаат и умеат пак, изнајмуваат стан, а ќиријата што ја плаќаат секако е непосакуван трошок во морето од давачки за прегледи на приватно, суплементи, специјална храна и така натаму.
Ситуацијата би била барем малку полесна, доколку досега се реализираа ветувањата на здравствените власти кои низ годините опочнуваа проекти што останаа недовршени.
Акцелератор има, но не и бункер – 10 години се чекаат услови за зрачна терапија во Штип
Министерот за здравство, Фатмир Меџити најави стратегија во чиј фокус е добивањето онколошка терапија во регионални центри, со што Клиниката за онкологија би се растеретила.
Во емисијата „Стадион“ на Канал 77, тој рече дека веќе пет месеци работи на остварување на планот онколошките пациенти да можат барем дел од терапијата да примаат во другите поголеми градови, а не само во Скопје и повремено во Битола. Но остварувањето на планот оди тешко, а тоа најмногу на свој грб го чувствуваат пациентите.
Така на пример, во Штип чија Клиничка болница требаше да биде регионален центар за лекување на болните од рак од источниот дел на државата, веќе една деценија се чека на изградба на бункерот во кој требаше да биде сместен акцелераторот за зрачна терапија. Министрите се менуваа и даваа празни ветувања, за актуелниот министер Меџити да вети дека тоа сепак ќе се случи во 2024 година.
„Во Штип не е направен бункерот (за сместување на акцелераторот), за што планираме во 2024 година да се направи со новиот буџет. Акцелератор има, но предусловите не се средени за да има основа да се направи таму“ изјави Мeџити.
Акцелераторот е набавен, но не и ставен во функција, откако за македонските здравствени власти не беа доволни ниту десет години за да се изгради потребниот бункер чија изградба според првичните најави требаше да чини 860.000 евра.
„Идејата е на најтешко болните лица да им се овозможи терапијата да ја добиваат во местото на живеење или во близина на местото на живеење. Во Штип е Клиничката болница и практично кон оваа болница гравитира населението од целиот исток“, изјави поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров во февруари 2014 кога беше поставен камен-темелникот на бункерот. Тогашниот директор на Болницата во Штип, Александар Стојановски оцени дека новиот акцелератор ќе го подигне нивото на давање здравствени услуги за пациентите со малигнитети.
Десет години подоцна, во оваа болница се третираат само пациентите со рак на простата, на дојка и на дебело црево.
Актуелниот директор, Ален Георгијев одговарајќи на новинарско прашање кои услуги ги даваат за онколошките пациенти, изјави дека тие се ограничени бидејќи буџетот кој го изискуваат, не е мал за условите на самата болница.
„Одделот за онкологија работи, имаме само еден лекар специјалист онколог. Набавуваме дел од оние што се хемотерапевтски препарати, но сѐ уште најголемиот дел од пациентите одат на лекување во Онкологија. Она што ние го набавуваме како болница се дава овде на одредени пациенти, но ограничена е патологијата на кои пациенти се дава. Дел се дава за простата, за дојка и дел само кај дебелото црево. Немаме во полн опсег препарати за третирање на тие пациенти, но со буџетот кој го имаме онкологот ги прегледува и ги третира овде“, додаде Ѓеорѓиев.
Прашан за поконкретни информации околу најавата за регионален онколошки центар, тој рече дека го следел излагањето на Меџити, но не располага со детали.
-Кога ќе го направат центарот и ќе имаме повеќе препарати за хемотерапија ќе го зголемиме обемот бидејќи имаме услови за третирање на тие пациенти овде – кусо посочи директорот на болницата.
Додека расположивите информации се оскудни, засега се знае дека акцелераторот стои во магацин, наспроти ветувањето на екс-министерот Венко Филипче дека бункерот наменет за него ќе биде готов во 2020 година. Следната година, изговорот беше дека ковид-пандемијата го одложила сето тоа, со што дојде и најавата дека бункерот ќе биде готов до крајот на 2021 или почетокот на 2022 година. Меѓутоа, на три месеци пред крајот на 2023, објектот не е завршен.
Последната најава е дека бункерот ќе биде готов во 2024 година, за што ја прашавме Клиничката болница дали се реални шансите за ова да се реализира, но од таму одговор не добивме.
Со оглед дека болницата располага само со еден специјалист онколог, прашавме дали се планира вработување на нови онколози. Во писмениот одговор до нашата редакција, директорот Георгијев наведува дека доколку идната година примаат лекари, ќе бараат специјализација по онкологија.
Георгијев додава дека во моментот, Клиничката болница – Штип нема никакви трошоци за амортизација на акцелераторот, но изостана коментар за тоа дали се реални шансите идната година да биде завршен бункерот за него, како што впрочем најави ресорниот министер.
Одговор изостана и од прес службата на Министерството за здравство, од каде не кажаа дали постојат административни пречки кои треба да се надминат за да може следната година конечно да се изгради бункерот, а со тоа и да профункционира акцелераторот во Штип.
На нашето прашање пак, што е тоа кое што би можело да се направи најбргу како ад-хок чекор за да се лекуваат повеќе онколошки пациенти во Штип, Георгијев укажува на потребата од зголемен наменски буџет на Штипската клиничка болница за набавка на терапија. Како алтернатива исто така, директорот предлага Клиниката за онкологија во Скопје да препраќа дел од терапијата за пациентите од Штип и околните градови, барем кога станува збор за онаа терапија која би можела да се аплицира во тамошните услови.
Во посебен бункер во Битолската болница има акцелератор кој не се користи – нотираа ревизорите
Но акцелераторот наменет за Болницата во Штип не е единствениот ваков апарат кој фаќа прашина. Слична е ситуацијата и во Битола, каде ревизорите открија низа неправилности.
Меѓу нив, и констатацијата дека со сума од 1,6 милиони евра е набавен акцелератор во периодот од 2012 до 2017 година.
-Со направениот увид на ЕСЈН врз основа на објавените огласи за јавни набавки и известувања за склучени договори утврдивме дека Министерството има спроведено повеќе постапки во врска со овој акцелератор. Имено, во текот на 2012 година, склучен е договор за набавка на линеарен акцелератор во вредност од 1,6 милиони евра, а за поставување на истиот во 2013 година склучен е договор за изградба на бункер во вредност од 761 илјади евра. Во текот на 2017 година е склучен договор за набавка на онколошки информациски системи, системи за запишување и верификување на радиотераписки третман во вредност од 403 илјади евра“, наведува државниот завод за ревизија во својот извештај.
Ревизорите препорачале во најкус рок, Болницата во соработка со МЗ да го стави апаратот во употреба.
Сепак, од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“- Битола одговориле дека за тоа им треба дополнителна опрема, но и дека немаат квалификуван кадар. За разлика од Штип, бункерот во Битола е веќе изграден, но акцелераторот кој е сместен во него не само што не се користи, туку не е ниту внесен во сметководствената евиденција.
Функционерите се сликаа, пациентите зрачна терапија не добија: Акцелераторот во „Осми септември“ и по една година сѐ уште не се користи
Ваков тип на бункер е изграден и во Градската општа болница „Осми септември“ во Скопје, каде според ланските најави, услуги требаше да добијат третина од онколошките пациенти за да се растерети Онкологија во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Симболично, акцелераторот со кој таму требаше да биде обезбедена зрачна терапија, беше презентиран на празникот Осми септември, кога премиерот Димитар Ковачевски и тогашниот министер Беким Сали се сликаа со апаратот.
Владините функционери го претставија акцелераторот како прв од таков тип во регионот користејќи врвна технологија за третман на малигните заболувања. Макар што Ковачевски најави дека апаратот ќе биде ставен во функција до крајот на годината, и по повеќе од една година, онколошките пациенти немаат услови за да ја добијат зрачната терапија во оваа установа. Во моментот на фотографирање при презентацијата на апаратот, Сали информираше дека на обука се испратени еден физичар и двајца РТГ техничари.
Како што објави пак, минатиот месец порталот СДК, според директорот на Болницата, д-р Христијан Костов здравствените работници ја поминале обуката во странство, по што почнале со дообука на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Неговите очекувања се дека третирањето на онколошките пациенти во „Осми септември“ ќе почне наскоро, но и дека постепено ќе почне да функционира дневна амбуланта на Онколошкото одделение.
Додека скапите апарати фаќаат прашина, а метежот на Клиниката за онкологија се интензивира, директорката Виолета Клисаровска на прес конференција потенцираше дека нивната институција е единствената која го носи товарот за третман на пациентите со канцер, чија бројка расте.
„Сакам и вредно е да ја спомнам и радиотерапијата не помалку основен тераписки модалитет во нашата клиника, а секако и онколошкиот дел. Забележано е дека од 2017 година наваму ние имаме значајно зголемување на бројот на пациенти во нашата институција и оваа година ќе го срушиме рекордот од над 5.000 нови пациенти. Бидејќи и претходните постоечки пациенти доаѓаат на прегледи, се реализираат вкупно прегледи некаде околу 90 илјади и повеќе годишно. Среќна сум како лекар да кажам дека таа иновативна медицина, тие нови лекови коишто и кај нас ги има околу триесет, овозможуваат продолжување на преживувањето на пациентите и горди сме на тоа“, изјави д-р Клисаровска.
Сепак, таа нагласи дека таквата преваленца значително го зголемува обемот на работа на Клиниката. Директорката веќе разговарала со ресорниот министер за да се овозможи дисперзија на пациентите барем онаму каде што има оспособени кадри.
„Навистина со огромен квантитет кој и да менаџира, квалитетот се губи, тоа мора да ми го признаете и вие. Затоа кај нас и ‘Мој термин’ не може да постои. По стотици пациенти секојдневно поминуваат. Имаме евалуација и по специјалист колку прегледи се вршат годишно. Невозможно е, верувајте ми, без да причекаат, не може никако да се постигне“, предупреди д-р Клисаровска.
Вања Мицевска