За настан што се случил во занимална на градинката „Маргаритки“ во Дворови, Велес минатиот петок, кога дел од групата деца на возраст од пет години дошле во допир со електронска цигара на негувателка директорката на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ донела одлука привремено да ја отстрани вработената од работа, информира дума.мк.
-Според поплаки на неколкумина родители на деца кои се згрижени во нашиот прв клон „Маргаритки“ во населба Дворови коишто тврдеа дека нивните деца „повлекле дим од електронска цигара“ што била оставена од страна на негувателката во занималната, јас ги сослушав родителите и во исто време побарав да дадат изјави воспитувачката од групата во која е прозваната негувателка како и нејзините колешки кои во петокот на 29 септември биле на работа во оваа градинка. Во исто време, според процедурата, ја известив дисциплинската комисија и направив консултации со надлежни институции кои согласно Закон за работни односи треба да бидат известени и консултирани. Колешката, негувателка, е суспендирана од работното место и започната е постапка за утврдување на тоа што се случило во занималната и одговорноста што евентуално треба да ја сноси доколку се утврди дека постапила спротивно на закон“, рече за Дума.мк директорката Маја Велиновска.
Случајот беше обелоденет вчера од политичка партија во составот на Совет на Општина Велес на фејзбук профил. Исто така, за оваа случка во градинката „Маргаритки“, фејзбук статус напиша и градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев.