Целата врева за увоз на работна сила од странство во трудоинтензивната текстилна индустрија, засега завршува со ангажман на скромна бројка од само осум државјани на Непал, кои се ангажирани во конфекција во Прилеп.
Овој неславен епилог, работодавачите го препишуваат на бавната владина реакција, додека агенциите за посредување веќе почнаа со големите билборд огласи, со кои нудат да донесат странски работници. За разлика од кај нас, Србија веќе го олесна носењето на странски работници, со тоа што дозволата за работа и дозволата за престој се добиваат на „една врата“.
Ангел Димитров од Организацијата на потрошувачи вели дека треба поголема проактивниот на властите, иако, се чини, во полека се намалува притисокот за работници во текстилната индустрија, откако странските партнери се ориентираа кон некои други земји, главно Египет и Мароко, каде ги селат своите нарачки.
-Ако во 2021 и 2022 година секојдневно доаѓаа нови партнери, оваа година е обратен процесот – се напушта Македонија како поволна дестинација за шиење на конфекција. Првата причина е во падот на побарувачката за облека во Западна Европа поради рецесијата, енергетската криза и текстилот е тој што прв паѓа во побарувачката. Партнерите немаат доволно работа и тоа директно реагира кај нас со побарувачка на работа. И втората причина – кога партнерите доаѓаа и бараа капацитет, се жалевме дека нема нова работна сила. Нема млада работна сила, по што тие брзо заклучија дека немаат овде иднина за текстил, рече Димитров.
Поради тоа, новата мека за европските партнери се земји како Мароко и Египет. Особено Египет, чија влада дава големи субвенции за нови машини за конфекциите. Димитров вели дека со овие две земји имаме слична цена на работната сила од 12 евроценти за минута, но се избираат овие земји поради тоа што имаат млада работна сила, а тоа ги прави поконкурентни од нас.
-Во нашите конфекции имаме луѓе во средни години со 10-15 години до пензија, но ако дојде до поголемо намалување на работа, ќе се случи дел од тие луѓе да останат без работа. Меѓутоа, работата е и да нема подмладување, овие луѓе да дочекаат достоинствена пензија. Просечната возраст на луѓето кои работат во конфекциите е над 40 години, а има конфекции и работници со просечна возраст од 50 години.
Димитров смета дека секаде има недостаток на работници, дури и во ТИРЗ зоните, а доказ на ова се секојдневните огласи, со кои се бараат нови работници.