Бидете љубопитни, поставувајте прашања и барајте одговори, излезете од комфорните зона и истражувајте нови хоризонти. Ова беше пораката што беше упатена до бруцошите на прв академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“. Денеска Штип им посака добредојде на околу 1500 студенти на на 12 факултети и три уметнички академии. Меѓу нив и околу 200 странски студенти, кои доаѓаат главно од Турција, но има и студенти од Шведска, Германија и од САД.
На свечениот прв студиски час, ректорот проф. д-р Дејан Мираковски, упати пораки до студентите, но и до професорите.
-Избравте мудро, понатаму делувајте храбро. Покажавте решителност и амбиции за напредок преку високото образование, за тоа ви аплаудираме. Тоа што избравте универзитетско образование, значи дека сакате да вложувате во сопствениот развој , трансформација и заложба за унапредување на општеството. Ве молам, да бидете издржливи пред предизвици, бидејќи најчестото преку нив го откриваме нашиот вистински потенцијал. Од секој предизвик излегуваме посилни, помудри и поотпорни, рече ректорот Мираковски во студентите, споделувајќи ја мислата на големиот Нелсон Мандела: „Образованието е најмоќното оружје кое може да го користите за да го промените светот“, кажа ректорот Мираковски.
Ги потсети и професорите: „Вашата мудрост и експертиза ќе ги обликуваат умовите на идните лидери, инженери, лекари, иноватори“.
На свеченоста повик за воннаставни активности упати Ирена Жежова, претседател на Студентската организација на студенти од Факултетот за медицински науки „СОМА“, додека асистент Дино Карпичаров, им го претстави универзитетот и неговите можности. Зборувајќи за можностите Карпичаров ги нагласи меѓународно признатите дипломи, но и можноста за мобилност.
-Би сакал да го истакнам спроведувањето на Еразмус плус програмата за мобилност, можноста за самостојно истражување и развој во рамките на институтите и катедрите на УГД, и посветеноста на наставничкиот и соработничкиот кадар, и согласно со тоа да констатирам дека УГД полека но сигурно станува стожер на високото образование во Македонија, рече Карпичаров.
Штипскиот универзитет оваа година воведе целосно ослободување од партиципација на идните филолози македонисти, како еден вид поддршка на зачувувањето на македонскиот јазик, што е дополнителна мотивација во создавање на идни професори кои ќе го негуваат и чуваат македонскиот јазик.
Како и изминатите години, и оваа најбројни се студентите на медицинските науки, но има интерес и за правните, економските и техничките науки.
В.К.