Пациентите кои живеат со дијабетес се сомневаат во точноста на податоците што ги прикажуваат лентите кои мерат ниво на шеќер во крвта, кои ги имаат добиено од компанијата „Д-р Пановски“ АД – Скопје. Оваа компанија прв пат го добива тендерот од Министерството за здравство по шест месеци на тужби и жалби и по одлуката на Второстепената комисија, министерот за здравство го потпишал договорот. Дека имаат простор за сомневање во исправноста на лентите и останатите материјали, кои се набавени со тендерот, образложи Диме Велев претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Бизнис наместо здравје
-Главен проблем со кој очекуваме да се соочиме следната недела со министерот за здравство, е не дали ние лентите ќе ги употребуваме на повеќе апарати, туку зошто оваа лента, што сега ја донесоа фаќа на други апарати. Не смее лентата воопшто да комуницира со други апарати. Тоа значи дека лентите за мерење гликемија не се кодифицирани и не се точни. Второ, овој апарат кој ни го даваат не е според тендерските услови и законски услови. По ИСО стандарди треба да има електроника и дигитализација при мерењето, да има блутут кој ќе прави профили на секој лично дневно, седмично, на 90 дена, барем дома да го има на компјутерот извештајот. Игличката која ни ја даваат дури една на 50 ленти, не може да биде заштитена 24 часа. Нас не не’ интересира тоа што министерот потпишува а што не, очигледно се работи за пари, затоа што ниту една компанија до сега не го направила ова, рече Велев во „Стадион“ и објасни:
-За некои сме само обичен бизнис, односно пари, а не емпатија и хуманост за што постои. Што сакам да кажам? Дека компанијата којашто го добила тендерот, за прв пат после 30 години, доставува глукомери и ленти во несоодветно пакување, без соодветна документација за да заштеди. Она што е многу интересно, ова го велам во иронија спрема нив, тоа наши сограѓани кои заработуваат на нашата мака, нашата судбина, рече Велев.
Каде е проблемот?
Како што објасни, материјалите им се доставени во несоодветно пакување, во пластика, што е со закон е забрането да се употребува пластика. Според Велев, пакувањата треба да се во хартиени кеси. Во име на 45.000 дијабетичари Велев го праша министерот зошто се одлучија да го доделат тендерот на компанија со вакви недоследности, со што се напушти досегашната пракса на компанија, која, како што рече, до сега нудела нормални глукомери, во нормално пакување, со декларација, потекло, рок на употреба, точно упатство, точни ознаки, односно кое што значи.
Дијабетичарите реагираат и на непрецизноста на тендерот, односно несоодветниот опис на набавката, што се користи во случајов од страна на компанијата која го добила тендерот.
-Реагиравме деновиве и бевме пред Национална комисија и кажавме и докажавме пред докторите. Ние мораме да запреме во 21 век да разговараме за банални теми од 19 век, односно векот кога пакувањата не постоеле, кажа Велев.
Има ли корупција во тендерите?
Пациентите цели четири месеци покажале разбирање кон Министерството за здравство, очекувајќи дека ќе ја сменат методологијата на набавка, односно дека работи на осовременување на начинот на снабдување на дијабетичарите со инсулин и потребните материјали преку референтни цени. Тоа значи, по пример на педесетина странски земји, вклучително и тие во регионот, во аптеките да се најдат повеќе видови на ленти и апарати и пациентот да може од рафтот да избере што ќе употреби.
-Мислевме дека се менува моделот. Кога дојде новиот министер, сфативме дека се спрема тендер. И како и секогаш – тужба врз тужба, жалба врз жалба. Од март висиме и бараме да се реши овој проблем. Како пациенти не бевме вклучени. Спецификацијата на набавката си ја прави стручното тело со доктори на науки од Националниот комитет за дијабетес. Прашањето е зошто Малмед се меша во нешто што не му е работа – во нецели 30 часа, директорот даде три контроверзни изјави – дека не се надлежни, па дека направиле божем инспекција, иако само направиле проверка на документите и без проверка на квалитет (што се прави на само 3 или 4 места во светот, тоа кај нас не се прави). Директорот вели точни се и добри се лентите. Не знам што сака Малмед да покаже. Имаме намера да ги прашаме Министерството за здравство и Владата што прави Малмед во случај со глукомерите. Институциите треба да кажат дали има корупција во тендерите и да кажат зошто на 45.000 граѓани здравјето и животот им е ставен во животозагрувачка состојба, изјави Велев.
Регионот штеди со референтните цени
Дијабетичарите бараат воведување на референтна цена со слободна набавка на ленти, по пример на Хрватска и Словенија, кои со воведувањето на овој модел на набавка дури и заштедиле во буџетот.
-Плус имаат пари за сензори и се делат на поголема целна група. Секое лице со тип дијабетес добива сензор. Ако може 50 држави да направат систем на референтна цена со 6 типа на ленти во аптека или Словенија со 29 евра со 12 типа на ленти, Македонија може најбргу следната година април, мај, јуни да излезе со референтна цена. Не е проблем дали се може туку дали сака, рече Диме Велев.
Дополнителен проблем е што дијабетичарите имаат само еден единствен лек на позитивната листа на лекови, која не е обновена над 20 години.
-Само еден лек – Глукофаж е на позитивната листа, а имаме други десет лекови кои што си ги купуваме и треба да бидат на позитивната листа. Напишавме листа и ја дадовме на лекарите, кои се согласуваат со неа.
За проблемот со набавките, Сојузот на дијабетичари побарал Надзорна расправа во македонското Собрание. До сега ниту еден пратеник на одговорил на нивното барање.
Додека траат игрите со тендерите, рапидно расте бројот на дијабетичари кај младите. Годишно само кај децата се јавуваат нови 70 новозаболени од дијабетес тип 1, додека по 7,500 годишно се нови пациенти на инсулин. Според последниот Попис од 2021 година во Македонија со дијабетес живеат 113.000 – 125.000 бројка на дијабетичари, но загрижувачки е што преваленцата не паѓа.
Оваа година таа е 12 отсто од населението и има тенденција на раст. Лани преваленцата изнесувала 11,7 отсто, сега е 12,1 отсто.
В.К.