Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) со огорченост соопштуваат за тековната постапка на отпуштања во една од најголемите медиумски групации во Македонија, Клип медиа груп. Во соопштението до јавноста, двете медиски организации реагираат на тоа што најголем дел од отказите се спроведуваат без никаква основа, со непочитување на основните работнички права и со нарушување на повеќе членови од Законот за работни односи.
„ССНМ и ЗНМ ја алармираат јавноста, државните органи и пред се, медиумската популација за чинот кој е нехуман, нечовечки и потсетуваат дека истиот тргна со принуда и со понижувачки понуди за работниците, а по реакцијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници беше изменет во, за нијанса, подобри услови. Отпуштањата по кратка постапка во неколкуте релевантни медиуми (Макфакс, Репортер, УСБ, Топ Спорт) ќе ги стави колегите и колешките новинари и медиумски работници во крајно неповолна положба и ќе ги усложни состојбите во оваа професија и тоа во ситуација кога во земјава има недостаток на кадар за медиумите. Предупредуваме дека ова ќе се одрази и на интересот на младите да се занимаваат со новинарство, камера, монтажа и се што е неопходно за функционирање на медиумите, стои во реакцијата.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија не ја спорат определбата на сопствениците да преструктуираат и да ги трансформираат своите изданија, но предупредуваат дека тоа мора да оди по строго утврдени правила и критериуми, и согласно законите. Во исто време ваквите итни постапки и групни отпуштања создаваат лоша клима во медиумската сфера и ќе остават последици за сите, па и за споменатите медиуми односно нивните сопственици.