Ќе се најдат ли доволно работници, кои ќе работат на автопатиштата што ќе ги гради американско турскиот конзорциум Бехтел и Енка? Ако се суди по првичниот интерес, тешко да може да се достигне бројката од 8000 работници, што премиерот Димитар Ковачевски ја кажа вчера на отпочнувањето на работите на Коридорот 10-д, на делницата Прилеп – Битола.
Ковачевски, како и два дена порано тоа го направи Артан Груби, јавно ги повика заинтересираните да дојдат на саемите за вработување што почнаа од Тетово и Гостивар, а продолжија во Прилеп. Премиерот рече дека за почеток се потребни 2000 работници, но до крајот на проектот ќе требаат многу повеќе.
-Она што од работници во моментот му треба на Бехтел и Енка е 2000 и затоа сакам овие саеми за вработување да бидат поттик за сите наши сограѓани, без разлика на возраста, сите оние кои се работоспособни, коишто сакаат да работат на овој голем проект во една од најреномираните компании. Вакви саеми ќе бидат организирани и во други градови со цел да бидат ангажирани македонски работници, така како што стои и во договорот. Во текот на продолжувањето на градбата, потребата од работници ќе се искачи до 8000 на двата патни правци, кои Бехтел ги работи, изјави премиерот Ковачевски.
Како што е најавено, автопатиштата треба да завршат за 4,5 години.
До сега се одржани четири саеми за вработување, како форма преку која се бараат работници. Вакви саеми до сега беа одржани во Тетово, Гостивар, Битола и вчера во Прилеп. На видно место во центарот на Прилеп компанијата постави штанд, каде заинтересираните можеа да добијат информации за вработување. Се нудат работни места за повеќе профили.
– Оптимисти сме во однос на саемите, очекуваме голем интерес од граѓаните, бидејќи навистина станува збор за работни позиции кои опфаќаат повеќе области и многу различни профили. Имаме потреба од повеќе од 2000 вработени, досега се 150-тина, а пристигнати се 370 апликации. Ќе ги прегледаме и да видиме кои профили ни одговараат. Што се однесува до платите, сме во корелација со локалната понуда и пазарот, рече Џошуа Bејкер, директор на проектот на Бехтел и Енка.
На Саемот во Прилеп за три часа се заинтересирале триесетина невработени. Наспроти вака пројавениот интерес, значајно е да се истакне бројката од 6200 активни баратели на работа, евидентирани од Агенцијата за вработување.
– Изградбата на коридорите е одлична можност за невработените да аплицираат. Во Прилеп има 6 200 активни баратели на работа. И во Тетово и Гостивар имаше интерес. Ова е одлична можност за невработените, зашто е сериозен проект за наредните пет години и можност за пазарот на трудот, смета директор на Агенцијата за вработување на Македонија Беким Мурати.
Наредниот период ќе ја даде вистинската слика на интерес за работа во градежништвото, кое не спаѓа во омилените сектори, особено за помладите.
На 20-ти септември ваков заем ќе има и во Кичево, Велес и во Куманово. Бехтел и Енка засега ангажираа 37 подизведувачи од кои сите со исклучок на една се домашни компании.