32 години независна Македонија, исто толку години на монструозно катастрофално здравство, афери со немерливо катастрофални последици, повисоки плати а помали казни за функционерите, политичка солидарност само за заеднички интереси на политичарите, слика каква што не заслужува Македонија. Ја постигнавме посакуваната цел , но се досега не ја оправдавме истата, рече денес во гостувањето во Стадион на Канал 77, Иван Бојаџиски, поранешен новинар.
- Неблагодарно и незамисливо е да се прави паралела или компарација за она каде беше Македонија пред 32 години, а каде е денес. Да патишта се изградија, но економски и социјално сме далеку зад таа Македонија пред независноста. Многу далеку сме денес од тој степен на социјален живот и среќа и задоволство во семејството, какви што ги имаше во времето на Југославија, истакнува Бојаџиски.
Страшно е она што ни се случува во моментов во здравството, вели тој посочувајќи на случајот со Клиниката за онкологија, потенцирајќи дека е невозможно да се влезе во умот на инволвираните во целиот тој монструозен скандал.
- Нема тука што многу да се коментира, тоа е злосторство, злосторство од прв ред. Да посегнеш по животите на луѓето за да заработиш некакви финансиски средства и ако оваа држава тоа не го реши на единствен начин на кој треба да се реши понатаму немам што би додал, се плашам како на сето ова ќе одговори правосудството, вели Бојаџиски.
Зоран Крстевски некогашен министер и пратеник во Собранието на Република Македонија констатира дека за една држава 32 години и не е така мал временски период.
- Имаше и историски премрежја и случувања, како надвор од државата така и во Македонија. По мене тој прв парламентарен состав одигра историска улога бидејќи по мирен пат овозможи Македонија да се осамостои и ги создадоа сите оние законски рамки кои го регулираат сето она што е атрибут на една самостојна држава, вели Крстевски.
Една добра особина на тој прв состав на Парламентот вели тој, е таа синергија помеѓу политичарите која постоеше тогаш за заедничките интереси на Македонците.
Многу повеќе за ставовите на некогашниот пратеник како и целосното интервју со Благој Ханџиски проследете го на линкот во продолжение: