Оздравеле, но сепак редовните контроли кај нивните онколози се неизбежни. Онколошките пациенти вознемирени по наводите за злоупотреба со терапиите на Клиниката за онкологија, велат дека мора да одат во оваа установа која е единствена од ваков тип во државата, но „нозете ги враќаат назад“ поради сомнежот за тоа како биле третирани. Јавноста е згрозена, а случајот стана лоша вест со која се известува за Македонија и во странските медиуми.
По масовниот протест пред Владата, пациените секој ден организираат собир пред Обвинителството. Нивните сведоштва раскажани со страв и вознемиреност, уште еднаш укажаа дека ова можеби е најголемиот скандал во македонскиот здравствен систем.
Кулминира лошата ситуација во македонското јавно здравство. Наводите објавени во низа истражувачки новинарски стории дека на Клиниката за онкологија дел од пациентите не биле соодветно лекувани, терапиите биле крадени, а се создавале досиеја на име на граѓани кои всушност немале рак, фрлија нова сенка врз квалитетот на здравствените услуги кои ги добиваат едни од најранливите пациенти.
Тие поддржани од своите семејства и од револтираните граѓани од овие случувања, излегоа на протест пред Владата продолжувајќи пред Јавното обвинителство од каде побараа правда за изгубените животи, казни за одговорните и оставки од надлежните. Скандалот кој го сврте вниманието на целата јавност, се најде и во фокусот на политичките изјави деновиве.
Додека партиите се занимаваат со препукување на оваа тема, онколошките пациенти се сомневаат дали и каква терапија примале. Во меѓувреме, секој чекор кон Клиниката за онкологија за нив е вистински предизвик.
„Бараме имиња и презимиња“ – Онколошките пациенти неуморни во борбата за вистината
ММС разговараше со неколку жени оперирани од карцином кои раскажаа дека поради сите овие вести ноќе не можат ни да спијат, сеќавајќи се на тешката борба ваквите информации за нив носат голема вознемиреност која ги става во прашалници – дали нивните соборци кои ја загубиле битката сепак можеле да бидат спасени.
„Сите сме затекнати и не знаеме на што сме и на што сме биле. Не посочуваме со имиња и презимиња бидејќи не ги знаеме, затоа и излеговме. Сакаме да ги дознаеме имињата и презимињата на сите тие што се инволвирани во тој криминал, ќе го наречам. Јас длабоко верувам дека постојат сѐ уште хумани доктори, луѓе коишто нѐ лечат онака како што треба. Сепак, од друга страна го имам тој сомнеж дека постои голем криминал од причини што не излегуваат јавно да кажат кои се и што се, па дури и тие што се чесни ги вклучувам како соучесници во сето ова“, вели за ММС, уметницата Анжелика Колева која има дијагноза рак на дојка.
Таа беше меѓу многуте пациенти кои излегоа на масовниот протест пред Влада, каде беа оставени „крвави траги“ во знак на револт.
Иако во далеку поскромен број, пациентите ги продолжуваат протестите секој ден пред зградата на Обвинителството, Колева вели дека повиците за одговорност на протестите не се однесуваат за одредени ликови, туку за сите кои се огрешиле.
„Со денови размислувам на оваа тема, јас наскоро сум на контрола на Онкологија и тоа постојано го кажувам дека не знам како ќе влезам, како ќе погледнам во сите нив таму, што треба да очекувам и вистина не знам што би се случувало во иднина. Мислам дека работата не треба да остане на ова, од причини што секој од нас како онколошки пациент е засегнат. Од друга страна пак, ќе кажам дека имаме изгубено многу пријатели. Јас лично имам и другарки и пријатели и роднини и многу луѓе коишто ја загубиле таа битка и сомнежот ми е уште поголем. Во претходниве десет години сите тие наведени ја изгубија битката, а јас се сомневам со што биле лечени и како биле лечени, па дури се соневам и за себе и за моите соборки кои во моментот се борат за да преживеат“, сподели Колева.
Овој скандал, на сличен начин го доживува и Анита Христовска која пред четири години ја добила дијагнозата карцином на грло на матка. Во кусата изјава за ММС, раскажа дека поради ова со денови е потресена дотолку повеќе што и самата е здравствен работник.
„Искрено, јас се сомневав дека нешто се случува. Се сомневав поради целиот однос на персоналот кон нас кој не беше доволно хуман. Можеби јас сум хиперемотивна, но сепак сметам дека тој однос не беше доволно хуман за тие дијагнози и тие судбини што се таму. Сепак треба да сфатиме дека за жал, тоа е една од последните дестинации во лечењето“, изјави Христовска со која поразговаравме меѓу толпата луѓе пред Влада.
Коментирајќи го протестот, таа истакна дека ако надлежните имаат елементарна човечност во себе, случајот би требало да добие разрешница.
„Луѓе сакајте се, секој може еден ден да се најде од таа страна. Чувајте се, затоа што не знаеме што ни носи утрешниот ден“, порача Христовска.
Несигурноста кај онколошките пациенти продолжува, а нивните семејства кои се во неверување велат дека постојано се заблагодаруваат на Господ што нивните најблиски успеале да останат живи.
Свесни се за болката на оние кои поради макотрпната болест изгубиле член на семејството и затоа најавуваат дека секој ден ќе бидат пред Обвинителството.
„Секој ден ќе биде овде за сите оние коишто досега ги изгубивме и сите оние коишто во овој момент бараат надеж на Онкологија. Не нѐ интересира власт, не нѐ интересираат министри ниту политики и партии. Она што ние како онколошки пациенти го бараме е да се знае вистината. Кога овој бизнис почнал, кој сѐ допрел со прст до овој бизнис, кои луѓе биле инволвирани, кои лекарства биле инволвирани“, вели скопјанката Ана Марјановиќ, една од најгласните пациентки кои бараат случајот да не помине неказнето.
„Ако треба нека се оди 20 години наназад и сите 13 министри за здравство нека бидат викнати на испитување. Сите поранешни директори на Онкологија нека бидат повикани, но да се осигураме дека никогаш повеќе нема да се случи еден ваков скандал бидејќи информациите коишто ги добиваме говорат дека сите оние коишто во овој момент се лечат на Онкологија им треба сигурност и една верба пред сѐ во докторите, потоа во системот па и на крај во сите лекови коишто ги примаат“, порачува Марјановиќ.
Меџити ја „смирува топката“ – терапиите се квалитетни
Несомнено, пациентите се скептични за тоа како биле или како се третирани во моментов, но ресорниот министер Фатмир Меџити уверува дека терапиите што ги примаат се тие што им се потребни. Министерството за здравство вчера во медиумите испрати видео снимка на која се гледа како Меџити ги убедува пациентите во ходниците на Клиниката за онкологија дека ќе има последици за сите.
Тој им порача дека не треба да се сомневаат во квалитетот на терапијата и професионалноста на лекарите на Онкологија, кои пак од здравствените власти побараа да бидат заштитени од генерализирање на одговорност и од јавниот линч.
Всушност, Меџити присуствуваше на стручниот онколошки колегиум, кој се одржува еднаш неделно, односно секоја среда во месецот.
Министерот Меџити со лекарите разговараше за воспоставениот систем на работа на Клиниката, по што Министерството преку писмено соопштение информираше дека од ноември лани е воведен нов начин на работа. Ова подразбира дека конзилиум од 12 раководителите на оддели ги разгледуваат историите на пациентите на кои им е индицирана аппликација на биолошка терапија и заеднички се одлучува дали има основa пациентот да прима одредена терапија.
-На овој начин е исклучена можноста за евентуални злоупотреби односно поединечно носење одлуки за биолошката терапија. За аплицирање на назначената терапија, постои уредна евиденција во амбулантниот дневник коі се води во дневната болница. На Клиниката се води и електронска евиденција за контрола на секој лек кој влегува на Онкологија – се додава во писменото соопштение од МЗ.
Случајот стана предмет и на политички изјави, во кои политичките опоненти побараа да нема „пардон“ за никого.
„Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички, ниту каков било друг. Инволвираните ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ, и на свето ВМРО, и на свети ДУИ тој што се огрешил има да одговара“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски ја обвини власта дека ништо не прави и дека се плаши да се соочи со вистината.
„Не може никој да ме убеди дека на неколку медицински работници и два-тројца криминални директори им текнало на маката на болните да им, ги земаат лекарствата и да ги шверцуваат за да профитираат. Никој не може да каже дека се само тие без поддршка, сериозна поддршка од високо позиционирани политички фигури. Тоа е невозможно. Второ, кога сега би го презел случајот, 24 часа би траела истрага, би ја скратил и сторителите би ги извел пред лицето на правдата и би инсистирал на драконски казни. Се разбира последно е на судовите“, порача Мицкоски.
Пациентите кои велат дека на Клиниката за онкологија има и чесен и достоинствен персонал, сепак се сомневаат во начинот на кој биле третирани и лекувани и додека најавуваат дека секој ден ќе организираат собири, истрагата за случајот кој ја разбранува јавноста, продолжува, вети министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски
„Голем број лица, меѓу кои и новинари, во моментов споделуваат информации со МВР и на тој начин помагаат во истрагата. Министерот не открива за кој временски период се однесуваат доказите што полицијата и Обвинителството ги прибира, но истакна дека долг период се шепотело“, истакна тој во интервју за ТВ 21.
Дејствија за проверка на наводите презема и Основното јавно обвинителство Скопје од каде посочија дека не можат да споделат детали, имајќи предвид во каква фаза се наоѓа самата постапка.
-Меѓу останатите бројни дејствија, во континуитет се вршат распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Исто така, отпочнати се и дел од анализите на прибраните материјални докази . Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет и во оној момент кога ќе се стекнат објективни услови без да се наруши текот на постапката, соодветно ќе информира за сите резултати од преземените дејствија – посочуваат од Јавното обвинителство.
Вања Мицевска
Фото: Вангел Тануровски