Амбасадата на Германија во Скопје повеќе нема да биде место каде ќе се примаат барањата за виза. Од денеска, барателите на виза според таканаречената „Регулатива за Западен Балкан“треба да се упатат во ВизаМетрик на улицата „Борис Спиров“, поранешна „50 Дивизија“ во Скопје.
-Од септември ќе соработуваме со ВизаМетрик за примање на барања за виза што служат за започнување на работа во Германија, за која не се потребни никакви посебни квалификации. Самата амбасада во иднина нема повеќе да ги прима директно ваквите барања. Сето ова треба да ги направи нашите постапки побрзи, поефикасни и поориентирани кон клиентите, објави преку видео амбасадорката Петра Дрекслер.
Во иднина, како што стои во насоките, откако ќе се имате регистрирано за барање за виза и со спроведување на лотарија е одлучено дека Вие може да поднесете барање, ќе добиете известување од Амбасадата и од ВизаМетрик дека може да го резервирате Вашиот индивидуален термин по желба.
-Доделувањето на фиксни термини од страна на Амбасадата отпаѓа. За тоа настанува такса во висина од 37,50 евра. Освен тоа, тука во ВизаМетрик ја имате можноста да користите дополнителни услуги. Може да Ви се направат копии, може директно на лице место да Ви бидат изработени фотографии за пасош и можете, доколку го посакувате тоа, да резервирате сервис-услуга за достава, со која Вашиот пасош на крајот комфорно ќе Ви биде испратен дома, објаснува амбасадорката Дрекслер.
Новиот начин на работа со барателите на виза е со цел да се скрати времето на чекање и поголема ефикасност во работењето со македонските граѓани.
фото: ФБ Германска амбасада