Компанијата „Еуровиа“ ДООЕЛ од Желино го доби тендерот од Министерството за надворешни работи вреден 1,8 милиони евра за реконструкција и уредување на салата „Борис Трајковски“ за конференцијата на ОБСЕ во декември. По потпишувањето на договорот на 21 август 2023 година јавноста дозна дека “Еуровиа“ и сопственикот Елмедин Адеми, близок роднина на поранешен министер од ДУИ, се едни од најголемите донатори на ДИУ изминатите години. Нашата проверка на донациите на ДУИ покажа дека Адеми лично и неколку компании кои се дел од поголемиот холдинг во периодот од 2019 година до 2022 година донирале вкупно 7,2 милиони денари на партијата.
На прес конференција министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи рече дека јавната набавка компанијата “Еуровиа“ ја добила врз основа на критериумот најниска цена. Кога основен критериум е цената во јавната набавка, рече Османи, МНР нема каде освен да ја прифати понудата на „Еуровиа“ за реконструкција и уредување на салата „Борис Трајковски“. Исказот е вистинит. Но, прашањето е зошто само овој критериум – најниска цена, е земен како основа за одлучување, доколку навистина за Османи и МНР, како што рече „конференцијата на ОБСЕ во декември во Скопје е најважниот настан во државата, па и во неговата политичка кариера“?
„Кога имате отворена постапка во која што може да ви конкурираат било која компанија и единствен критериум ви е сто посто цена, тоа што министерството го прави е ги рангира, едноставно ги пишува на табела кои се понудените цени и таа што е најевтина таа се предлага на министерот да ја избере како компанија доколку ги исполнува условите, рече министерот Бујар Османи на прес конференцијата (30.08.2023).
Во Законот за јавни набавки и во Упатството за нивно спроведување, спроведувачите на јавни набавки се охрабруваат да не ја користат најниската цена како основен критериум. Дури во законот стои дека во набавка на архитектонски и инженерски услуги „договорниот орган нема да ја користи цената како единствен критериум за избор на најповолна понуда“.
Во делот на Законот за јавни набавки, каде се определуваат критериумите во Член 99 и став два пишува: „Економски најповолната понуда се утврдува врз основа на цената или трошоците со користење на пристапот на исплатливост, како што се трошоците во животниот век; или како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот, што се оценува врз основа на критериуми, вклучувајќи квалитативни, еколошки и социјални аспекти поврзани со предметот на набавка…“
МНР ден подоцна склучила договор по распишана јавна набавка за надзор на работите на избраната компанија “Еуровиа“. Критериум за избор на надзор не е најниската цена, туку најдобар однос помеѓу цената и квалитетот при ангажирањето на компанијата БАР Е.Ц.Е. ДООЕЛ Скопје.
Османи зборувајќи за транспарентноста и законитоста на постапката при доделувањето на вредниот договор на „Еуровиа“ рече: „Може да ме обвините за се, но за корупција не можете, ниту кога сум бил доктор. Таа особина ја немам, посебно не за ваков важен настан. Знам дека е тешко за верување, но дознав дека фирмата е донатор од вас медиумите“.
Бујар Османи е потпретседател на партијата Демократска унија за интеграции (ДУИ). Во партиското раководство е со години, од 2008 е министер во македонската влада предложен од неговата партија, а од 2017 година ја вршеше и функцијата портпарол. Како е можно да не знае кои се најголемите донатори на неговата партија?!
Што велат извештаите на донациите на ДУИ?
Компанијата „Еуровиа“ Тетово во периодот од 2019 до 2022 година, само еднаш се јавува како донатор и тоа во 2022 година, кога донирала 1.845.000 денари. Истата година донирал и Елмедин Адеми, управител на „Еуровиа“ ДООЕЛ Желино, како што стои во договорот со МНР. Од извештајот за донации не може да се потврди дека се работи за две исти правни лица, бидејќи во извештаите што ги поднесуваат партиите, нема детални податоци на донаторите.
Во соопштението за јавност, потпишано од генералниот директор компанијата „Еуровиа“ од Желино, Адеми, тврди:
„Мојата врска со ДУИ, донирањето што се нагласува кон Демократската унија за интеграција и вредноста на донацијата, се невистинити; конкретно, ЕУРОВИА со матичен број: 6630294 и Даночен број: 4028010513380 НЕ ИЗВРШИЛЕ НИКАКВИ ДОНАЦИИ кон политичкиот субјект ДУИ!“ (соопштение на „Еуровиа“ и Адеми).
Во 2021 година донациите за ДУИ дошле од една друга компанија од холдингот, Скрин медиа, специјализирана за билборди, која е една од четирите компании со најголеми договори за предизборен маркетинг. Во оваа компанија, според новинарско истражување, Адеми се јавува како основач. Скрин медиа на ДУИ во 2021 година донирала 1.230.000 денари.
На корпоративниот сајт на еуровиа.мк, се информира за договор што Скрин медиа го склучила со „Аеродроми ТАВ“. При тоа пренесена е изјава на, како што пишува „Елмедин Адеми , управител на Скрин медиа“.
„Елмедин Адеми , управител на Скрин Медиа, рече: “Воодушевен сум од проширување на партнерство со ТАВ Аеродромот. Многу сум горд на довербата што нашите партнери ја покажаа кон нас и ја одбра Скрин Медиа да ги води во патот кон иновациите во цивилната авијација“, (соопштение на еуровиа.мк, јуни 2019).
Во 2020 и 2019 година донатор на ДИУ е Адел холдинг со 631.400 денари (2020) и 1.045.000 денари. Адел холдинг, според корпоративниот сајт на „Еровиа“ е дел од фирмите на Адеми. Пренесувајќи информации за своето работење, во соопштение придружено со фотографија сајтот еуровиа.мк информира:
„Генералниот директор на Адел Холдинг, Елмедин Адеми дел на работна средба организирано од Стопанска Комора на Северо-Западна Македонија со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, Министерот за образование и наука, Арбер Адеми.“ (17.06.2019).
За овие четири години, трите компании како правни лица и Елмедин Адеми, како физичко лице, донирале вкупно 7.260.000 денари. Адеми со донацијата во 2022 години од 2.509.000 за три пати го наминал лимитит за донации од физичко лице.
Во Законот за финансисирање на политичките партии во Член 16 пишува: „вкупниот износ на поединечната донација не смее да ја надмине сумата од 60 просечни нето плати од правни лица и 30 просечни нето плати од физички лица во Републиката, исплатени во претходниот месец и објавени од Државниот завод за статистика. Овој износ не смее да биде кумулиран повеќе од еднаш годишно. Ако висината на донацијата е поголема од износот утврден во ставот 1 на овој член, политичката партија не смее да ја користи и е должна веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на добивањето на донацијата, разликата меѓу дозволената и донираната вредност да ја врати на донаторот“.
Според ова, максималниот износ на донација од едно физичко лице не би смеела да биде поголема од околу 850.00 денари.
Османи беше прашан дали доколку се утврди дека неговата партија ДУИ добила повисоки донации од законски дозволеното ќе ги вратат парите, ги повика институциите да го истражат ова, а потоа и предложи ова да го решат законски измени.
„Можам да предложам да донесеме закон со кој компаниите кои донираат на партии да не може да учествуваат на тендер, еве со опозицијата да го изгласаме“, рече Османи.
Договорот на МНР со „Еуровиа“ ќе го разгледа Државната комисија за спречување на корупција, додека Османи рече дека дал инструкции до службите да го достават во Државниот завод за ревизија и Обвинителството.
В.К.