Општинарите, функционерите, вработените по институциите, сите од јавниот сектор имаат право на платено отсуство од еден ден за да ги испратат своите деца првачиња на првиот училиштен ден. Но ова не е дозволено за вработените во приватниот сектор. Родителите, со чиј труд и придонеси се финансира јавниот сектор, ќе мора да побараат ден од одмор или еден од двата слободни денови што ми следуваат со закон и доколку работодавачот нема итна потреба од нив, ќе можат да ги однесат своите деца на првиот, свечен ден на приемот на првачиња. За едни мајка за други маќеа.
Оваа нерамноправност доаѓа од колективните договори. Во потпишаниот Општ колективен договор за јавниот сектор, во членот 28 наведува 11 причини за платен одмор, меѓу кои и „за прв училиштен ден на прваче“.
За разлика од јавниот сектор, во Општиот колективен договор за стопанството, во член 42 се дефинирани причините за платен одмор. Има две помалку од договорот за јавниот сектор и изоставени се токму денот за прваче и деновите за селидба.
Оваа нерамноправност во секторите сепак, како што укажува и здружението „Гласен текстилец“, вработените од приватниот сектор можат да ја решат со Законот за работни односи, каде во членот 144.
„Работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето.“ (Закон за работни односи, член 144, став 2).