Големиот оган проголта три куќи во кумановски, информираат од ЦУК, кои постојано се на терен.
Според ЦУК двете куќи се стари, но секако функционални и се во селото Бељаковце, додека две помошни простории и една стара напуштена куќа во селото Руѓинце, се вели во информацијата од ЦУК.
-Огнот претставуваше опасност за други куќи и населението од овие две села, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и додава:
-Иако генерално се избегнува ноќно гаснење на пожарите на отворено, овојпат, со храбрите македонски пожарникари одлучивме во текот на ноќта да го нападнеме силниот оган. Пожарот кој избувна во попладневните часови вчера дополнително се разгоре и прошири во доцните попладневни часови кога веќе беше доцна за полетување на дежурните два полициски и еден армиски хеликоптер како и еден Ер трактор на ДЗС, вели Ангелов.
Бидејќи пожарот се движел во два правци со линија подолга од еден километар, а и двата крака дополнително загрозувале други куќи од овие две села тие одлучиле цела ноќ да бидат таму.
-Бидејќи ветрот кој дуваше го движеше огнот многу бргу голтајќи ја пред себе високата сува трева, трња, дрвја, меѓу нив и лесно горливите ниски смреки и други зимзелени дрвја, чекањето на раните утрински часови кога можеа да полетаат двата полициски и еден армиски хеликоптер, ќе предизвикаше дополнителен ризик за куќите и населението во овие две села, додава тој.
Според него по полноќ се приближиле на пламените јазици, кои на некои места се издигнуваа по неколку метри над земјата голтајќи ги пред себе.
-Бевме опремени со т.н. напртњачи (мешини со рачни прскалки со 20 литри вода кои се носат на грб) како и специјални противпожарни метли со метални ленти, исклучително храбрите и пожртвувани пожарникари, со теренски возила ги пренесовме пред самата линија на огнот. На местото на кое го прсретнавме пожарот, огнот гореше многу силно, температурата беше висока и имаше многу чад. Ситуацијата се менуваше од миг во миг. Мојата цел беше сејфти фрст, не смееше да се загрози човечки живот повеќе од она што беше неопходно, бидејки сите бевме изложени на одреден ризик. Претходно стекнатата голема доверба во нашите пожртвувани пожарникари ме охрабри да бидам рамо до рамо со нив и да им помагам возејќи ги лично со теренското возило на ЦУК. Но сепак на некои моменти се изложивме на голем ризик, вели Ангелов, и појасни дека по двочасовна неизвесна борба со огнот успеале целосно да го изгаснат…