Над илјада рецепти за хронична терапија за еден ден препишале матичните лекари со новата реформа во ПЗЗ, информираше денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.
Министерот Меџити денеска ја посети поликлиниката Јане Сандански во Скопје, каде разговараше со дел од матичните лекари и пациенти во врска со предностите од новата реформска мерка во Примарната здравствена заштита (ПЗЗ).
Во рамки на посетата, Меџити го посети и интерниот оддел на Поликлиниката каде најмногу се гледат предностите од новата реформа. Со пациентите, тој поразговара околу овие новитети и околу тоа колку тие се задоволни од нив.
– Процесот на работа со пациентите на кои им се препишува хронична терапија воопшто не е сложен, јасните насоки напишани во клиничките патеки им ја олеснуваат работата на матичните лекари, така што имаме одличен старт на реформата. Во текот на вчерашниот ден, според податоците од ,,Мој термин”, 506 пациенти добиле терапија за своето хронично заболување од матичен лекар. Биле препишани 1073 лекови.
Со оваа реформска мерка, со која овозможивме терапијата која ја препишуваа специјалисти, сега да ја препишуваат матичните лекари, направивме суштински промени и унапредувања за пациентите и за здравствените работници, истакна министерот.
Тој потсети дека со новата реформска мерка пациентите со дијабетес, астма, ХОББ, намалена функција на тироидна жлезда и хипертензија, не мора да одат на Клиника за да им се продолжи или да им се препише хронична терапија, тоа може да го направат кај својот долгогодишен лекар.
Предностите на оваа мерка се што пациените не се изложуваат на трошоци, тие терапијата за своето хронично заболување може да ја добијат кај својот матичен во местото каде живеат. Со оваа реформска мерка се зајакнува улогата и важноста на матичните лекари во здравствениот систем. Со реформите во ПЗЗ се олеснува административниот товар, а исто така се намалува притисокот врз секундарното и терцијарното здравство, нагласи Меџити.