Покрај во Штип, јавен превоз од 1 септември ќе биде организиран и во Општината Карбинци. Се доусогласија правно – административните постапки, по што денеска на Советот на Општината Штип беа прифатени измените на Одлуката за линиски превоз каде спаѓаат тарифникот и возниот ред, а беше усвоена и Спогодбата со Општината Карбинци за проширување на јавниот автобуски превоз и во оваа општина.
Новонабавените автоубси на ЈП Стипион 2011 ќе возат на релација Трговски центар – Таринци – Карбинци и Радање, со тоа што во прспектива би се организирал превоз и во селата Аргулица, Козјак и Црвулево.
Цената на билетот за едно возење е 60 денари до Таринци, 70 до Карбинци и 90 денари до Радање. Цената на месечната карта ќе изнесува 1000,1110 и 1300 денари.
Градоначалникот Виктор Паунов, најави дека се размислува и за субвенционирање на билетите.
Утврден е и возниот ред за овие села, што е всушност обновување на некогашниот, познат на жителите.
Што се однесува до измените за јавниот превоз во Штип, максималниот износ на едно возење е 30 денари, а денешната одлука овозможи електронско плаќање во некој нареден период, покрај билетите купени во автобусот и во определените продажни места. Автобусите ќе имаат бела боја, а не црвена, како што пропишуваше претходна одлука. Набавени се четири автобуси, а ќе се набават уште два.
Јавниот превоз ќе се одвива на повеќе линии. Тргнувањето е од Трговскиот центар, а ќе вози до повеќе крајни станици во населбите Баби, Дузлак, Ново Село, бања Кежовица, селата Караорман, Чардаклија, Три Чешми, Селце и Лесковица.
Со одлука на Советот со стојалиштата што до сега беа сопственост на Општината Штип, ќе стопанисува ЈП Стипион 2011.