Најавувајќи протест, управата и играчите на ФК Тетекс, ФК Љуботен и ЖФК Љуботен се пожалија на дискриминација, откако Општина Тетово одлучи да ги отстапи стариот и новиот градски стадион ексклузивно само на ФК Шкендија. Со реакција излегоа од Тетекс, кои прашуваат: „Дали во 21-от век е нормално само поради тоа што сме Македонци, кои живеат во Општина Тетово да немаме право на тренинзи на природна трева“?
-Со месеци, односно поточно од февруари навака одржани се неколку состаноци со градоначалникот и со челниците на општинската власт, но, од нив нема никаков договор и реализација на нашите барања. Низ историјата, без никакви проблеми, со меѓусебна координација, сите клубови тренирале и ги играле своите натпревари на овие два стадиони. Денеска, наместо да се работи на што поголема кохезија кога е спортот во прашање, очигледно некои работаат на тоа македонските клубови да се дестабилизираат и дефокусираат од целта. Во истиот контекст, сакаме да потенцираме дека на стариот градски стадион се наоѓаат и нашите простории, соблекувална, простор за перална и слично, а тренинзите и натпреварите се играат на стадиончето на АМС, на вештачка трева. Чиста небулоза! Па оттука сакаме да прашаме: Дали Шкендија е единствен клуб од Тетово кој има право на ова или се игра некоја друга игра во поаздина“?, прашуваат од Тетекс.
Од таму апелираат до општинските власти за итно свикување на заедничка средба на сите тетовски фудбалски клубови и итно да се изнајде решение за овој проблем. Во спротивно најавуваат протести, како што велат, „се’ додека не обезбедиме фундаментални право за спортот и развој на спортскиот дух кај младите“.
Општина Тетово одговори дека на средба со претставници на клубовите е постигнат договор , а оваа реакција е сосема непотребна и неодржлива.
Според општината, договорено е Градскиот стадион да се користи само за фудбалски натпревари во Првата фудбалска лига и меѓународни фудбалски натпревари, како и за натпревари од посебно значење, односно полуфиналните натпревари и финалето на Купот на Македонија.
-Од овој аспект, општина Тетово е решена да гарантира дека овој стадион е опремен со сите потребни услови и стандарди, како модерен и функционален објект кој ќе ги исполни сите барања на една спортска арена на високо ниво во нашиот град. За екипите кои настапуваат во пониските лиги, општината има јасен став: ќе се уредат и други терени опремени со сите потребни услови за спортски натпревари. Така ќе се гради еден терен во близина на Спортскиот центар во градот и уште еден во село Сараќин. Двата терени ќе бидат опремени со потребната инфраструктура, вклучувајќи соблекувална за тимовите и канцеларии за клубовите, соопшти општината.
На ова одговорија од Тетекс, од каде најавија институционална борба:
-На кого Шкендија му плаќа за користење на Градскиот стадион? (можете да објавите доказ?)
На кого му плаќаше Ренова за користење на Градскиот стадион? (можете да објавите доказ?)
Кој и како одлучил дека стадионот смее да се користи само за Прва лига, кога наведовме еден куп примери кога не било така? Дали советниците Македонци се консултирани и дали Советот донел таква одлука или советот има донесено ценовник со ставки за која лига по колку ќе се наплаќа. Кого консултиравте за да донесете таква одлука, која воопшто не е донесена? Објавете го документот дека така сте одлучиле со печат и потпис на овластеното лице од Општината.
Нема да застанеме! Или сите ќе бидеме рамноправно или никој! Ќе има протести!
Истовремено ќе започнеме и институционална борба:
-Ќе се обратиме и до Народниот правобранител,
– Ќе се обратиме до Комисијата за антидискриминација,
– Ќе се обратиме до Комисијата за антикорупција да се испита кој какви одлуки носи за спортските објекти во Тетово (не само за Градскиот) и дали некој плаќа за нивно користење,
– Ќе се обратиме до инспекторатот за Локална самоуправа дали одлуките кои ги носите врз основа на национална и навивачка припадност дали се законски,
– Ќе се обратиме до сите институции, Претседател на државата, Премиерот, Претседателот на собранието, сите пратеници, министри, но и Амбасади и меѓународни институции.
Тетекс ќе игра на Градски, ќе победиме и во оваа битка!, соопштија од Тетекс.
Утре (сабота) во 17 часот, во рамките на Второто коло од Втората МФЛ, Тетекс го дочекува Осогово. Натпреварот ќе се игра на стадионот на АМС (спортски).