Речиси на секои три месеци, Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири ветуваше комплетно решавање на проблемот со учебниците со почетокот на новата учебна година. Десетина дена пред нејзиниот почеток, од МОН во врска со оваа прашање, само со образложение, колку е комплициран процесот на издавање на еден учебник и што се е преземено околу подобрувањето на условите за наставата пред почетокот на учебната година. Од Независниот Синдикат во образование велат дека со оглед на сознанијата што ги имаат најверојатно ќе се повтори лошата пракса од минатото и повторно во образовниот процес ќе недостасуваат учебници. Дефинитивно нема да има учебник по историја и општество и природни науки за 6 одделение, затоа што постапката доцнеше, велат од НСОН. Се уште не биле готови учебниците за трето и шесто одделение, Министерот тврди ќе се доцнело само дваесетина дена по почетокот на учебната година.
Во новата учебна година повторно ќе се учи од „работни материјали“ наместо со учебници
Министерот за образование Јетон Шаќири на прес конференцијата што се одржа на почетокот на јули, кажа дека максимално се ангажира за на 1 септември да не се повторат грешките од минатата година и сите ученици да имаат учебници или подготвителен материјал.
„Очекувам и верувам, но и убеден сум дека ќе го дадам максимумот за на 1 септември да не се случи тоа со подготвителните материјали за предметите за кои сега се одобрени учебници. За другите предмети, какво друго решение може да се најде, јас сум подготвен да го решам ова дури и ако треба и други подготвителни материјали за други предмети кои немаат автори, само учениците да имаат материјали. Тоа е факт, од минатата година за да не останат учениците без учебници имавме подготвителни материјали“, кажа тогаш Шаќири.
Десет дена пред почетокот на учебната година, дел од проблемите се надминати, но сепак не се решени.
Учениците од прво, второ, трето, четврто и петто одделение, на стартот на новата учебна година ќе добијат нови учебници по сите предмети. Исклучок ќе биде учебникот по историја и општество за петто одделение кој како што јавноста знае, повлечен е од употреба поради потребата од технички корекции и корекции на одредени содржини кои не соодветствуваат со реалната состојба. По овој предмет ќе има помошен материјал по кој ќе се изучува материјата додека финално не се изработи и достави учебникот,“ ни одговорија од МОН на прашањето дали конечно се надминати проблемите со учебниците, со почетокот на новата учебна година.
„Согласно планот за реформа на основното образование кој етапно се спроведува, годинава комплетно нови учебници треба да има за трето и шесто одделение, за што изработени се нови наставни програми од страна на Бирото за развој на образованието и доставени во декември 2022 за трето и во април 2023 за шесто одделение. Така што, со учебниците за трето сме во понапредна фаза на изработка и одобрување, споредбено со оние за шесто одделение, a очекуваме сите учебници во овие две одделенија да бидат одобрени и испорачани набрзо по стартот на новата учебна година. Дотогаш ќе се користат помошни материјали кои ги изработува БРО и ќе бидат достапни во електронска форма. Тие ќе помогнат во постигнување на резултатите од учење кои се определени во секоја тема од наставните програми. Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години, а тиражот ќе биде надополнет со ново испечатени комплети во бројка која што ја имаат пријавено самите училишта уште во текот на месец мај, “ велат од Министерството.
Од МОН информираат и околу дигитализацијата на учебниците.
„Дигитална верзија ќе добијат сите учебници од четврто и погорните одделенија во основното образование и процесот на дигитализација ќе се одвива етапно. Годинава работиме на дигитализација на учебниците за четврто, петто и шесто одделение. Тие ќе бидат прикачени на посебен портал кој е во фаза на изработка и учениците и наставниците со едноставно кликање ќе можат да ги симнуваат и доколку им е полесно, да учат од овие дигитални учебници,“ додаваат од МОН.
Постапката за изработка и одобрување на учебник е сложен процес велат од МОН
Јавноста треба да знае дека постапката за изработка и одобрување на учебници, која е уредена со Законот за учебници во основното и средното образование, претставува прилично сложен процес кој може да потрае и неколку месеци и затоа се случува истиот, за одреден предмет да не се заокружи пред почетокот на нова учебна година, информираат од Минстерството за образование и наука.
„ Тоа е така поради разни причини, се случува за предметот да нема интерес за доставување на ракописи од страна на автори и потоа целиот процес мора да се повтори. Се случува и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои авторите мора да постапат, што исто така го пролонгира завршувањето на постапката. Проблем настанува и во немањето рецензенти кои ја имаат клучната улога во давање мислење за ракописите. Потоа следи разгледување и одобрување од Национална комисија за учебници, па техничко уредување, печатење и испорака,“ образложуваат од МОН .
Со оваа Влада се повторуваат истите проблеми секоја година, велат од опозицијата.Обвинуваат дека се прават реформи преку ноќ и се удира по темелите на образовниот систем, кажа за Сител , професорката Весна Јаневска.
„Не можат да најдат автори кои ќе работат по оваа програма или по диктат на некаква програма. Потоа брзината со која треба да се изготви учебникот е исто така проблем, краткиот рок на рецензенските комисии коишто треба да ја завршат работата е исто така роблем. Лани Министерот рече дека нема пари за учебници. Јас многу пати го прашав каде се парите и зошто нема пари, но одговор на тоа не добив. И овие учебници коишто ќе бидат готови , како што разбрав ќе бидат во дигитална форма. Ние немаме услови за учење на далечина во сите делови во земјава. Тоа е факт,“ вели Јаневска.
фото-ФБ
Од МОН велат дека навремено ги спроведува сите постапки за изработка и одобрувања на учебниците, секогаш согласно закон и роковите наведени во истиот.
„ Сите заедно, со другите надлежни институции, органи и тела, правиме максимални напори за учениците да го имаат основното средство за совладување на наставната материја по секој еден предмет и новата учебна година ќе биде значително поподготвена во однос на минатите, додаваат од МОН.
Немањето учебници, проблем и за учениците и за наставниците, велат од синдикатите
Од Независниот синдикат на образование и наука потсетуваат дека скриптите не се замена за вистински учебници зошто големи се шансите да се повтори онаа лоша пракса од минатите години, кога недостасуваа учебници, вели Томислав Гиевски, претседател на НСОН.
„Недостатокот на учебници со себе си влече и голем проблем од проста причина што се отежнува воспитно-образовниот процес, бидејќи учебниците не само на учениците, потребни им се и на наставниците за непрекинато и нормално функционирање на наставата бидејќи учебниците се едни од основните алатки коишто се користат во текот на часот, корисни се им се на децата за да можат да ги повторуваат наставните содржини дома или во текот на самиот образовен процес во училиштето. Како синдикат апелираме МОН сериозно да го свати проблемот и сериозно да пристапи кон решавање на истиот бидејќи е неприфатливо во една држава, да се случува еден ваков проблем,“ вели Гиевски.
фото-ФБ
Од СОНК се надеваат дека од септември ќе има учебници, во спротивно одговорноста паѓа врз МОН на штета најмногу на учениците
„Наставниците имаат свои извор на информации, наставни средства и помагала и не е многу за нив оптеретување, но секако големо оптеретување е кога учениците немаат од што да учат, па и резултатите се послаби, “ вели Јаким Стојков, претседател на СОНК.
фото-FB
Новата учебна година ќе започне на 1 септември, а ќе заврши на 17 јуни откако на владина седница, на предлог на МОН беше изгласана одлуката да има и пролетен распуст.
Пролетниот распуст ќе биде во период од 29 до 5 мај. Првото полугодие ќе заврши на 29 декември, а второто ќе почне на 22 јануари.
В.Кр