Пред пет дена наполни 50 години, а денес е погребан Илми, единствениот син на кралот на ромската музика, Ферус Мустафов. Погребан е на гробиштата во Камник, во Скопје, каде пред три месеци беше погребан и неговиот татко.
Судбината не можеше да биде потешка во семејството Мустафови, кои за три месеци изгубија двајца многу важни членови на нивното семејство. Блиски на семејството велат дека Илми се уште тагуваше по татко, се уште знаеше да заплаче кога ќе се свири некое оро, или кога ќе се спомене, како што било и минатата недела во Дебар.
-Со Илми многу работевме заедно, беше прекрасен човек. Бевме блиски. Пред една недела бевме на свадба во Дебар, имаше многу пејачи, а беше и син му Ферчо. Почна Ферчо да свири, стана и Илми, заедно со него, па се потсети како заедно свиреа со татко му. Свиреа оро, кај што се поклопуваат два саксофона. На Илми му дојде тажно, не можеше да издржи и се расплака, му недостига татко му. Илми и Ферус беа многу блиски, беа многу поврзани, многу се почитуваа, вели Сузана Гавазова за ММС.
Во овој период од годината во Дебар е сезона на свадби, и денски и вечерни. Некои од пејачите и музичарите по цело лето се во Дебар, на веќе договорени свадби. По тој повод и Илми, со групата „Огнени момчиња“ биле во Дебар повеќе денови.
-Пред да почне свадбата му се слошило и паднал. Конобарот ни кажа и сите притрчавме. Веднаш повикавме Брза помош, која дојде за три минути. Но, имаше силен срцев удар. Не успеале да го повратат. Илми имал стент и лекарите му кажале да внимава, да се чува, велат негови колеги и додаваат дека неколку дена пред да почине им рекол:
-Секоја вечер го сонувам татко ми, рекол Илми како да имал некое претчувство.
Илми беше тивок човек, за него повеќе зборуваа делата. Ќе остане запаметен по многу ора што ги направи, а често настапуваа заедно трите генерации на талентираното семејство Мустафови, дедо, син и внук.
(В.М.)