Далиндер Каур од Индија го роди своето прво дете на 19 април 2017 година, на возраст од 72 години. Сепак, од породувањето таа има проблем со крвниот притисок и зглобовите. Нејзиниот син Арман сега веќе има пет години.
„Мојот крвен притисок „скокаше“ и сега многу лесно се уморувам. Бев кај неколку лекари, но тие ми дадоа само лекови и план за исхрана“, раскажа Далиндер.
„Загрижена сум за Арман. Морам да се грижам за своето здравје, но морам да се грижам и за Арман. Пред да прооди, јас ги поминував деновите на раце и колена и тешко ми е. Моето тело не можеше тоа да го поднесе. Беше потешко од што мислев“, додаде таа.
Далиндер го роди своето прво дете после 46 години брак. Нејзиниот сопруг Мохиндер кој тогаш имаше осумдесет години се согласил на ин-витро по неколкуте неуспешни обиди да добијат дете по природен пат.
Д-р Анураг Бишнои од Националниот центар за плодност во Индија им помогнал да станат родители.
„Прилично е слаб, а ни пелените за негова возраст не му се соодветни. Престанав со доење кога тој имаше три месеци бидејќи снемав млеко. Ги прашавме докторите дали има некој лек кој можеме да му го дадеме за да ја зголеми својата тежина, но ни рекоа да оставиме да добие на килажа по природен пат“, изјави Индијката.
Далиндер смета дека нејзините години ѝ го отежнале мајчинството.
„Лесно се уморувам и единствено можам да одморам кога тој ќе заспие. Мојот маж и јас често се разболуваме поради годините, но мораме да се носиме со тоа бидејќи мораме да се грижиме за нашиот син“, истакна таа.
„Јас ги правам повеќето работи, но неговиот татко придонесува колку може. Значи заедно ја имаме одговорноста да го растеме нашето дете на кој било начин. Без оглед каде сум, тој ќе дојде до мене. Го сакам. Тој е дружељубиво дете и на сите им се смее. Ова ми ги олеснува работите бидејќи можам да бидам опуштена кога некој е во близина. Целиот ден го поминувам со него. Одлучивме да не добиваме никаква помош“, раскажа Далиндер.
Сепак, таа нагласува дека не се загрижени за тоа што ќе биде со нивното дете кога тие ќе умрат.
„Луѓето ме прашуваат што ќе биде со нашиот син кога ние ќе умреме. Јас цврсто верувам во Бог. Поради Божјата моќ и присуство, тој е и роден“, изјави Далиндер.
Директорот на клиниката за плодност, Анураг Бишнои призна дека на почетокот се двоумел дали да продолжи со вештачкото оплодување на овој пар, но подоцна сепак се согласил.
„Жената за првпат дојде кај мене во 2013 година, откако прочитала една објава за мене во медиумите. Првиот обид за оплодување не успеа, но по шест месеци вториот обид беше успешен. После тоа, таа имаше нормална бременост и ние ја поддржувавме“, изјави докторот.
„Сите нѐ убедуваа да посвоиме дете, но јас немав желба за тоа. Верував во Бог и знаев дека еден ден ќе ни подари дете“, раскажа таткото на малото момче.