Јавните плажи се на граѓаните и гостите и тие не смеат да бидат предмет на експлоатација и заработка – со вакви реакции излегоа од граѓанското движење, кое бара бесплатни плажи. Како резултат на растечкото движење, од изутрината на плажите на Халкидики, започна отстранувањето на диво поставените реквизити, преку кои поединци наплаќаа од туристите, но и тие што ги поставуваат и не ги отстрануваат преку ноќ..
Тензично беше на плажата во Неа Флогита, каде екипите на општината ги отстранија „заклучените“ чадори од јавната површина на плажата.
Според ЕРТ и репортажата на емисијата „Конекции“, капачите виделе како екипите на општината им ги симнуваат чадорите кои ги оставаат на плажата постојано поставени, врзани со синџир, заедно со заклучените седишта и лежалките без да ги вадат кога не се користат.
Жителите забележуваат дека законите мора да важат за сите
Отстранувањето на трајните градби ќе се изврши долж целото крајбрежје на општина Неа Пропонтида, а наскоро и во општина Касандра, најавуваат грчките медиуми.
Граѓанското движење кое бара бесплатни плажи за сите се шири од ден на ден.
Необјавената војна за бесплатен јавен простор изнесе на виделина цела нелегална индустрија што се одвиваше со толеранција на властите на бреговите на земјава: според информациите, евидентирани се повеќе од 3.000 квадрарни метри навлегување на плажа во многу области на Грција, додека во некои случаи откриените бројки се застрашувачки, како на пример во Фаласарна, Крит, област заштитена од мрежата Натура, каде што лежалките покриваат приближно 80% од плажата.
Од Халкидики до Крит, Родос, Кикладите, а сега и Атика, растат силните барања за ослободување на бреговите, додека контролите се спроведени по Наксос, Парос и Милош во Закинтос, Крф, Кефалонија, Сирос, во Серифос, Крит и Миконос, каде лежалките беа дури и во морето, иако тие мора да бидат на пет метри од крајбрежјето. Во исто време продолжуваат апсењата на одговорните.
Покрај 16-те лица кои беа уапсени во трите дена од 4 до 6 август, вчера беа приведени уште пет во Акрата поради поставување маси и столови без дозвола.
Граѓанската иницијатива „Спас за Фаласарна“ обеледени дека ревизијата покажала дека дури 80% од јавните плажи се окупирани со чадори, а не 30% од плажата, како што законски дефинирано. При тоа, незаконски се собира скандалозна наплата од 10 евра по квадратен метар додека баровите на плажа се одговорни за децибелите над дозволената граница.
Дополнително, од Иницијативата наведуваат дека „неодамна имало полициска контрола низ целиот залив Фаласарна и приведени се 13 лица бидејќи немале дозвола за чадорите и лежалките што ги изнајмувале.
Мобилизации во Родос
На островите и крајбрежните области на Грција секојдневно се одржуваат собири и масовни протести. По Потидаја и Никити од Халкидики, мобилизации имаше и на Родос, каде вчера беше закажана отворена средба на иницијатива на Мрежата за заштита на јавниот простор „Чадор“, која е лидер во барањето за бесплатни плажи за сите.
Во општина Неа Пропонтида на Халкидики денеска истекува рокот за отстранување на чадорите трајно поставени од приватни лица на плажите. Како што соопштија од Општинската управа, овие објекти според сегашната законска регулатива се окарактеризирани како „загадувачи“, кои мора да се отстранат од нејзините служби. Поради тоа, Општината ги предупреди оние кои оставиле чадори и лежалки да ги соберат до денеска, во спротивно утре екипите на општината ќе пристапат кон нивно отстранување без натамошно известување.
Димензиите на борбата на граѓаните за слободни плажи се очекува да донесат измени во законот за користење на земјиштето. Според информациите, сегашниот режим во кој општините се надлежни за дозволите за плажи и нивното искористување ќе се промени, а од есен надлежностите на општините ќе преминат на Државното претпријатие за недвижности. Целта е, на овој начин, да се спротивстави на притисоците што ги вршат локалните актери врз ова прашање.
фото: ФБ
извори: lamiareport.gr и newshub.gr