Тотална конфузија предизвикува примената на законот за извршување, посебно бришењето на застарените долгови. Од граѓанските здруженија со повик до граѓаните, писмено од извршителите да бараат бришење на застарените долгови за кои поминале 10 години. Од Комората на извршители велат дека тие не се надлежни. Таква надлежност имал исклучиво Судот. Ќе поднесат иницијатива за бришење на оваа одредба пред Уставен суд-затоа што не е поволен за сите граѓани, ќе добијат должниците, но ќе изгубат доверителите. Измените и дополнувањата на Законите за облигациони односи и за извршување стапија во сила на 20-ти јули.
Што предвидуваат овие измени?
Со измените и дополнувањата на Законот за облигационите односи:
-Прецизирано е времето до кога може да тече законската казнена камата односно каматата престанува да тече кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината
-Пропишана е пократок рок за застареност на правосилна судска одлука или одлука на друг надлежен орган кои сега изнесува 5 години (досега беше 10 години) и
-Пропишан е рок на застареност на извршната постапка која сега може да трае до 10 години (досега немаше рок на траење).
Со измените и дополнувањата на Законот за извршување се врши ограничување на висината на каматата, па така каматата се пресметува и наплатува до денот на исплатата на средствата на посебната сметка на извршителот, односно до моментот кога неисплатената камата ќе го достигне износот од главниот долг.
Конфузија кај граѓаните-Кој е надлежен за бришење на застарените долгови?
Граѓанската активистката Ана Глигорова од здруженијата „Човекот над профитот“, „Но пасаран“ и „Стоп за грабежот“, ги повикува граѓаните, да поднесат барања за деблокирање на сметките доколку поминале десет години од решението од извршител или, пак, корекција на каматата кај оние од понов датум. Иако има отпор кај некои извршители, кои бараа насоки за постапување, Глигорова вели дека измените на Законот за извршувањето се во сила и деблокадите може да се реализираат.
„Законот е излезен во Службен весник“ и веќе има сила, моќ. Самиот по себе ја има таа ретроактивна сила. Важи и за премети коишто се во тек и кои веќе се застарени, поминале 10 години. Со едно писмено барање, секој граѓанин на оваа држава може слободно на извршителот да му побара да го деблокира, ако му е блокирана сметката . Таа деблокада би била многу обемна, затоа што ние имаме 243 299 блокирани сметки, според последниот извештај на Народна банка. Добар дел од овие сметки треба да се деблокираат. Зошто? Затоа што 10 години е оној момент кога личноста, граѓанинот е даден на извршител. Ако во рамките на тие 10 години извршителот не го наплатил долгот, тој долг застарува, “вели Глигорова.
Таа на својот ФБ профил сподели упатство како тоа граѓаните можат да го направат.
„Реално ако функционираме како држава, по правило тоа би требало Министерството за правда да ги издава тие формулари или самите извршители кога ќе видат дека имаат предмети кои застареле, по некоја правна логика да ги избришат тие предмети. Слушам сега од луѓето дека извршителите ги одбивале, им велеле да одат во судот. Во моментов прават кривично дело , Злоупотреба на службената положба по член 353 од кривичниот закон,“ додава Глигорова.
Извршителите не се надлежни за бришење на долговите , велат од Комората на извршители
Според претседателот на Комората на извршители Ванчо Марковски, измените на Законот за облигации и извршување се донесени без никаква претходна анализа и консултација со стручни лица од оваа област кај нас и затоа во моментов има тотална конфузија во примената на овие одредби, нормално и конфузија кај граѓаните.
„Застареноста како институција дефинирано во член 349-став 3, кажува дека Судот не може да ја земе во предвид застареноста ако должникот не се повикал на неа, од една страна, од друга страна извршителот не е надлежен да одлучува кога до него ќе стигне барање кое се однесува на застареност. Во законот за извршување не постои таква надлежност за извршителот. Таква надлежност исклучиво има судот. Ние немаме ни обрасци за такво нешто. Ние работиме со обрасци донесени од Министерството за правда. Ваков образец за запирање на застареност не постои. Поради тоа ние како Комора имаме став дека Извршителот нема надлежност да одлучува за застареност на по побарувањата утврдени во извршна исправа, за кое е поднесено барање за извршување, “ образложува Марковски.
Според Марковски одредбите во овој закон се неуставни и неприменливи, но не сите.
„За каматата е во ред. Ние како Комора немаме ништо против. Има случаеви каде каматата апсолутно го надминува главниот долг и да, должниците не можат со месечни рати да ја рефундираат на доверителите преку нас, а камоли главниот долг. Се крати и рокот од 10 на 5 години за поднесување на барање за извршување. И тука нема никаков проблем за Комората. Ние сме имале случаи каде што доверители со извршна исправа, посебно кога должник била државата или ЕЛС, чекаат 9 години и 11 месеци за да им тече каматата и тогаш ќе поднесат барање за извршување. Тој рок од 10 на 5 години за нас е ок,“вели Марковски.
Застареност во извршувањето како институција не постои никаде во светот, тврди Марковски.
„Застареност во извршувањето како што е образложението на законодавецот, било поповолно за граѓаните. Но во случајов не е поволно за сите граѓани. Поволно е за должниците но не и за доверителите. Правни лица коишто низ законски постапки претходно, дошле до извршна исправа, со една ваква одлука, со застарување од 10 години фактички им се ускратува тоа право стекнато во текот на една легална законска постапка. Кој ќе ги плати тие трошоци то претходно доверителите ги давале по судовите, парничните трошоци, материјални трошоци, вештачења и т.н.
Марковски вели дека до Уставен суд веќе има доставени иницијативи во врска со законот за извршување а деновиве тоа ќе го направат и од Комората на извршители. Иницијатива за да се поништат дел од одредбите од овој закон, не да се укинат туку да се поништат, затоа што вака како што е ќе се нанесат огромни штети на некои доверители.
Тој презентира еден реален пример
„Имаме случаи во извршувањето кога одреден граѓанин за кривично дело убиство е осуден на 10 години. Осудениот е задолжен да плати 1 милион денари, но осуден е на 10 години затвор. Како ќе успее оштетениот да го наплати тој износ?
Рокот од 10 години за наплата на долг може да создаде и проблеми во наплатата на долгови од државните институции и ЕЛС. Има компании кои дури од фирми чекаат наплата со години, има и компании кои чекаат да наплатат долг од граѓани, а не можат, поради тоа што должникот должи по различни основи и мора да се чека ред за наплата. Сите овие ситуации кои се реални во пракса, според познавачите ќе отворат нови проблеми.
„Судовите на државните органи и на ЕЛС дозволуваат месечен лимит на пари, неопходни за работа на тие институции. Неретко такви лимити не можат да се надополнат со приливи на пари во текот на месецот и извршителот не може да спроведе извршување. Над тој лимит се што ќе дојде на сметка на должникот, само тој дел може да биде предмет на извршување. Таков е случајот со Македонија пат. Не се знае бројот, колку правни и физички лица имаат оштетни побарувања од Македонија пат, со милиони, и сега сите тие кои со години чекаат да дојдат на ред треба да се фрлат во канта. Општина Тетово има долг од 24 милиони евра. Во моментов над 500 налози чекаат на извршување. Што ќе прават тие луѓе, фирми кои имаат побарувања“ прашува Марковски.
Како во моментов треба да постапуваат граѓаните и фирмите должници
Дали законот ќе се избрише од страна на Уставен суд, ќе одлучат судиите, но дотогаш, тој е во сила.
Граѓаните треба да постапуваат согласно член 349, став 1.- Да се поднесе барање до Судот.
„Ако го поднесат барањето до нас ние ќе го вратиме назат бидејќи не сме надлежни. Немаме таква надлежност во законот. Од судот таквите барања ќе ги проследат до извршител, а извршителот ќе си даде образложение на тоа барање, дали е основано или не,“ вели Марковски.
Тој додава дека законот за облигации има одредба и за прекин на застареност. Секое едно должниково плаќање или доверителово дејствије преземени во насока на реализација, доведува до прекин на застареност и роковите почнуваат одпочеток.
Уставот дозволува ретроактивна примена само кога е поволно за граѓаните, ама не на штета на други граѓани. Во конкретниот случај должниците кои избегнувале да исплатат долг во предвидена извршна исправа се наградени со оваа одредба наспроти штетата што ќе ја претрпат правни и физички лица доверители. Значи законот е поповолна за едни а на штета на други.
Сето ова велат од Комората на извршители ќе даде само ветар во грб на финансиската недисциплина.
В.Кр