Бројот на млади од 15 до 29 години во државата значително се намалува, додека населението старее со 6% помалку млади споредено со пописот во 2002 година. Со други зборови, во 2002 година 24% од населението биле млади, додека пак во 2021 – 18 % од населението се млади. Иако има пад во младинската невработеност, која согласно последниот попис изнесува 28 %, сепак оваа стапка е за 15 % повисока од онаа во Европската Унија.
Ова го нотираше анализата „Млади и Попис” чии наоди денеска ги презентираше Фондацијата за демократија на Вестминстер во пресрет на Меѓународниот ден на младите, 10-ти август.
Фондацијата ја промовираше и анализата „Финансирање на младинското учество и политики” која покажува дека иако Законот за младинско учество и младински политики донесен во 2020 година пропишува издвојување на 0,3% од буџетот на национално ниво и 0,1 % од буџетот на локално ниво за млади – за институциите сѐ уште е нејасно што се подразбира со ова.
Од тие причини, не може да се утврди колку точно средства се двојат за младински политики. Овој закон предвидува и формирање и на младински центри во сите општини најдоцна до 2025 година, а во моментов само во 8 општини младите имаат пристап до младински центар.
Државата мора итно да почне да ги третира младинските политики како суштински и стратешки приоритет на државата, и уште поважно – да креира стратегии за долгорочно справување со демографските промени во државата и нивните ефекти, стои во препораките на анализите.
Настанот го отвори г-дин Доминик Роудс, раководител за политика и комуникација во Британската амбасада: „Да си млад човек понекогаш значи дека е тешко да бидеш слушнат, важно е институциите да ги гледаат младите како приоритет, не само за прашања како образование и вработување, туку и области како ментално здравје, социјална заштита и квалитет на живот”
По него се обрати и директорот на Агенцијата за млади и спорт г-дин Наумче Мојсовски: „Агенцијата ги следи младинските состојби и се залага за подобрување, за АМС е важно преку соработката со тела, како Клубот на млади пратеници и слушање на препораките кои стигаат до нас, да креираме соодветни политики или да отвориме процеси за измени – како што е сега процесот за измени на Законот за млади”
„ Младите мора да се најдат на листата на приоритети за да се решат нивните проблеми. Во држава со сѐ помалку млади луѓе, мора повеќе да се вложува за да се подобри нивниот живот и иднина во земјата” – сподели Дона Костуранова, директорка на Фондацијата за демократија на Вестминстер во Македонија.