Додека државата кубури со пожарникари, а возилата со кои располага во просек се стари по 27 години, екот на летото повторно го стави на тест националниот систем за управување со кризи.
Пожарите зачестија, а институциите кои се меѓу најповиканите да се справуваат со нив, алармираа дека голем дел од општините ги трошат парите недомаќински без сериозен пристап во превенцијата и заштитата од огнените стихии. Директорите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов и Беким Максути реагираа дека општините чекаат централната власт да им помогне во справување со пожарите и никој не сноси одговорност за тоа.
Голем дел од општините – неподготвени за справување со пожарите
Максути вели дека општините не купуваат сами опрема, но и ретки се оние каде што возилата редовно се сервисираат.
„Перцепциите односно лошите пракси во државата, досега беа градоначалник пред да потроши било што од своите ресурси или да побара помош од соседните општини, бара директно вклучување на авион односно хеликоптер. Во однос на законот први коишто треба да дејствуваат на терен во зависност од тоа каде се појавил пожарот се просторните сили на општината, наменските служби, вработените“, додава Максути.
Како позитивен пример тој ги посочува Кавадарци, Берово, Пехчево и Делчево, но обвинува дека во други општини меѓу кои Кичево и Куманово има злоупотреба на буџетот за заштита и спасување:
„Има одредени општини каде што градоначалниците воопшто не ни сакаат ни да се помрднат и заштитата и спасувањето го сметаат како нешто последно. Тоа навистина е загрижувачки на крајот на краиштата. Кои се општините коишто ја злоупотребиле состојбата? Кичево на пример, има други општини кои не се на ниво на своите задачи како Куманово. Може да кажеме дека Кавадарци е општина за пример по однос на ова прашање. Испраќам апел до сите градоначалници нека си земат пример“.
Директорот на ЦУК, Ангелов вели дека за подобро справување со пожарите, потребно е да се координираат сите преостанати служби.
Тој го вперува прстот и во „Национални шуми“ објаснувајќи дека ова јавно претпријатие со закон е обврзано на одреден број жители да пријави одреден број пожарникари. Според него, таму има вработени, но само на хартија, а и оние кои работат, се фокусирани на сечата на дрва.
„Ќе пријават четириесет. Фактички, ќе ги напишат сите кои работат во таа подружница на Национални шуми, но реално некои од нив имаат здравствени проблеми, некои се возрасни, некои се отсутни. Тие во реалноста ја немаат таа бројка којашто ја декларираат и тука настанува нивниот проблем. Тие сметаат дека таму има 40 лица, но во реалноста бројката е помала. И раководството на Национални шуми не е виновно, нема луѓе, тие се луѓето“, вели Ангелов.
Според него, потребно е итно да се реформира системот за управување со кризи.
„Решението е во една целосна реформа во системот за управување со кризи, но тоа да го направат луѓе од браншата бидејќи ние ги знаеме реалните проблеми. Професори не ни требаат, професорите водат во погрешни правци. Лесно е вие да направите одличен закон на хартија потоа тој е неприменлив во пракса“, истакнува Ангелов.
И покрај ова, тој тврди дека како држава сме подготвени да се справиме со предизвиците со пожарите.
И тој и Максути се пофалија дека за првпат после многу години од набавката на авионите „ер-трактор“ сите три се во исправна состојба. Два од нив, заедно со еден хеликоптер на МВР вчера се вклучија во гаснењето на големиот пожар кој претпладнето избувна кај Богданци. Во пожарот со кој се обидоа да се справат пожарникари од Дојран и Валандово, но и тим на ДЗС, изгореа 500 хектари нискостеблета шума и сува трева.
Градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов за новинската агенција МИА изјави дека пожарот поминал покрај ветерниците, но не предизвикал штета и најави дека гаснењето ќе продолжи и денеска.
Ангелов и Максути претходно апелираа дека авионите се последна алка од синџирот за спасување и дека треба да се вклучат во случај кога општините и другите надлежни не можат да се справат со пожар на отворено.
Недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години
Меѓутоа, локалните самоуправи не можат да се пофалат со соодветни капацитети за справување со пожарите, „судејќи“ според базите на податоци кои ги сумираше Центарот за граѓански комуникации.
Оттаму нотираа дека во земјата недостигаат 340 пожарникари, а за последните три години, противпожарниот возен парк се „подмладил“ само за една година. Во последните три години се расходувани 22 стари возила, а се набавени дополнителни 65 возила, но со просечна старост од 17 години. Поради тоа, просечната старост на сите противпожарни возила во земјава изнесува 27 години.
Сепак, од 2020 година наваму, купени се или добиени се како донација дури 29 нови возила.
Најстаро противпожарно возило во земјава има Валандово – камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години. По ТАМ-от на Валандово следат четири возила, само по една година помлади, произведени во 1967 година и тоа: два мерцедеси на Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и Демир Хисар.
Во однос на бројот на пожарникари пак, 16 противпожарни единици имаат помалку пожарникари од законски предвидениот минимален број.
Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица, која покрај скопските општини ги покрива и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер-Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково, има 190, а треба да има 405 пожарникари.
Спротивно, меѓу општините кои имаат повеќе од законскиот минимум, најдобро стои Ресен со дури 6 пожарникари над законски определениот број, и неколку општини кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.
Вања Мицевска